„Ме давеше, ми се закануваше дека ќе ме убие“: Дениз Ричардс го обвини сопругот за насилство, откако тој побара развод
- Детали
- петок, 18 јули 2025
„Во текот на нашата врска, честопати ме давеше, насилно ми ја притискаше главата со двете раце, насилно ме удираше на лицето и главата, агресивно ми ја удираше главата во бањата, се закануваше дека ќе ме убие“, стои во обвинението на Дениз Ричардс. Таа доставила и фотографии на кои има модринка на окото која вели дека е од сопругот.

По бурниот брак со Чарли Шин, сега Дениз Ричардс е пред уште еден скандалозен развод – актерката ќе се разведува од сопругот Арон Фајфер по шест години брак.
Најпрво, на 7-ми јули, американските медиуми споделија дека Арон поднел барање за развод поради „ненадминливи разлики“.
Во барањето, тој навел дека очекува финансиски надомест од 54-годишната Дениз, односно таа да го издржува по разводот бидејќи самиот моментално нема приходи.
Дениз и Арон имаат заеднички ријалити шоу – Denise Richards & Her Wild Things и пред само неколку месеци, актерката изјави дека разводот не е опција за нив.
„Не е лесно да се биде во брак со мене. Но, веќе никогаш нема да се разведам. Дури и ако се мразиме, нема да се разведеме“.
Во шоуто, Арон додаде дека само би живееле одвоено, но никако нема да се разведат.
Сега, пак, целата драма доби нов, мрачен пресврт – Дениз го обвини сопругот за психичко и физичко малтретирање.
Имено, по барањето на Арон, Дениз поднела друго барање, но овој пат за заштита, наведувајќи дека сопругот бил насилен кон неа уште од почетокот на нивната врска.
Со барањето, Дениз доставила и вознемирувачки фотографии на кои има огромна модринка на окото.
„Во текот на нашата врска, Арон честопати ме давеше, насилно ми ја притискаше главата со двете раце, ми ги стискаше рацете, насилно ме удираше на лицето и главата, агресивно ми ја удираше главата во бањата, се закануваше дека ќе ме убие, ме држеше на земја со коленото на мојот грб толку силно, што го молев да ме пушти за да не ме убие и ми го хакира лаптопот, како и телефонот, за да добие пристап до моите пораки“, вели Дениз во барањето за заштита од семејно насилство.
Според документите што го добиле од Daily Mail, тој ѝ се заканувал дека ќе ѝ ја скрши вилицата, а ѝ имал предизвикано најмалку три потреси на мозокот.