Проба да ја убие, ја изневеруваше, со месеци се криеше од неа: Како Шерон Озборн го „смири“ Ози (и зошто остана со него)?
Ози почнал да се гледа со Шерон, но таа пиела и се дрогирала исто колку него, па може да се каже дека врската им била токсична уште на почетокот.
„Нашите караници беа легендарни. Кога имаше настап, Ози ќе истрчаше од сцената да се расправа со мене, па ќе се вратеше назад да ја доврши песната.
Но, сфатив дека ако продолжиме вака, ќе завршиме како пар пијаници кои живеат на улица. Па, јас престанав да пијам“, има изјавено Шерон.
Сепак, Ози не сакал да се откаже од порокот, а набрзо потоа издаде и соло албум кој му ја спаси кариерата. Продолжил и со лудите и развратни забави, без разлика што во 1982-ра се венча во Шерон.
Во интервју, Шерон раскажа и бизарна ситуација кога била на турнеја со Ози и тој заборавил дека таа е во нивниот кревет. Па, во креветот донел друга девојка, додека Шерон спиела.
„Сега, 20 години подоцна ми е смешно. Но, тогаш дефинитивно не беше“, додаде Шерон.
Ова бил далеку од најголемиот скандал на Ози.
За време на турнеја во САД, тој се опил толку многу, што Шерон му ја скрила облеката за да не излезе со хотелската соба. Но, украл нејзин фустан, отишол во бар, а потоа бил уапсен бидејќи пијан, уринирал на свето место во градот.
Во 1986-та, пак, исчезна и Шерон го бараше преку медиуми.
„Бог знае каде е. Може да биде и во Бразил. Само сакам да кажам – Ози, миличок, те молам јави ми се. Знаеш каде да ме најдеш. Ми недостасуваш“, гласеше натписот нарачан од неа.
По неколку месеци без никаков контакт, Ози ѝ испратил кутија од чевли полна со неговата коса и Шерон успеала да го лоцира – пејачот бил во центар за лекување зависности во Минеаполис.
Можеби најбизарниот скандал од нивниот брак се случил во 1989 година, кога Ози испил четири шишиња вотка и пробал да ја задави Шерон.
Исплашена, Шерон повикала полиција и Ози бил уапсен за обид за убиство. Бидејќи му се заканувале 20 години зад решетки, Шерон ја повлекла тужбата, но го натерала да оди на рехабилитација.
Дотогаш, Ози и Шерон веќе ги имале добиено три деца – Ејми, Кели и Џек – па инцидентот, но и љубовта кон децата, го натерале да се смири, барем малку.
Иако повремено имал моменти кога потпаѓал на искушението, благодарение на Шерон, Ози колку-толку успеа да се ослободи од сите пороци.
Во 1990-тите, неколкупати добил застрашувачки дијагнози, како погрешна дијагноза за мултипла склероза, па Ози решил дека е време да престане со турнеи.
Тогаш истапила Шерон и го натерала да организира хеви метал фестивал – OzzFest – но и да продолжи да снима музика.
Повторно по иницијативна на Шерон, Ози, сопругата и децата почнаа да снимаат и реално шоу кое се покажа како огромен хит и им донесе дури 20 милиони долари во првите две сезони.
Во 2002 година, Шерон Озборн беше дијагностицирана со рак на дебелото црево и тогаш Ози повторно почна да пие.
Две години подоцна пејачот имаше и несреќа со мотоцикл која можеше да заврши трагично – го спасил неговиот телохранител.
„Срцето двапати ми запре. Бев во кома и се сеќавам дека имав ужасен сон – веќе не бев со Шерон. Таа сретнала друг маж кој имал свој авион“, изјави подоцна Ози за страшната несреќа.
Шерон ја победи болеста, Ози повторно успеа да се избори со алкохолизмот, а и покрај сè што им се случило, тие останаа заедно.
Ози откри дека почнал вистински да ја цени сопругата кога се исплашил дека ќе ја изгуби од ракот. Тогаш сфатил и колку е среќен што е жив и што таа останала покрај него и во најлошите моменти.
„Можеби не е Памела Андерсон – дури беше и полничка кога се вљубив во неа. Но, јас ќе ја сакам Шерон и ако е голема колку десет куќи или ако е слаба како стапче. Јас ја сакам нејзината душа, нејзината личност“.
Во 2020 година, Ози откри дека боледува од Паркинсонова болест и Шерон остана покрај него до последниот миг. Пејачот почина вчера, 22-ри јули, на 76-годишна возраст.
Спирова С. | Црнобело
