Дејвид Бекам конечно ќе биде прогласен за витез, по години умилкување на кралското семејство
- Детали
- вторник, 04 ноември 2025
Има донирано милиони, отиде во Авганистан за да им покаже поддршка на војниците, најмил тим кој ќе му помогне да се прикаже во добро светло – Дејвид Бекам навистина даваше сè од себе за да биде забележан и да ја добие титулата витез. Денес, конечно ќе му се исполни желбата.

Со години се шпекулира дека Дејвид и Викторија Бекам му се „пикаат“ на британското кралско семејство со надеж дека фудбалерот ќе ја добие титулата витез - една од највисоките почести во Обединетото Кралство.
Сега, сонот на познатиот пар конечно се исполни – денес Дејвид ќе оди во замокот Виндзор каде што ќе биде прогласен за витез, а наводно титулата ќе ја добие лично од кралот Чарлс.
За посебната пригода, Викторија му дизајнирала и костум на Дејвид.
Славниот пар дозна дека Дејвид ќе биде прогласен за витез во јуни годинава, кога кралот Чарлс даваше почести за неговиот роденден.
Тогаш им било соопштено дека меѓу другите, и Дејвид Бекам ќе ја добие титулата витез.
На церемонијата ќе присуствува Викторија, како и родителите на Дејвид.
Очекувано е да присуствуваат и неговите деца, освен, се разбира, Бруклин. Тој дури не му ни честитал на фудбалерот за почеста.
По церемонијата, Дејвид имал организирано мала прослава со семејството.
Веќе со години јавноста се шегува дека Дејвид е очаен да стане витез и со Викторија некогаш одеа и до екстреми за да го привлечат вниманието на кралското семејство.
Низ годините, и двајцата биле вклучени во многу добротворни акции и организации, а секојпат се труделе тоа да допре и до медиумите.
Во 2010 година, фудбалерот дури отиде и во Авганистан за да им го подобри расположението на британските војници кои беа стационирани таму.
Во интервјуа изјавуваше дека сакал да им покаже поддршка, но и да им покаже колку го цени тоа што го прават за нивната земја.
Ваквиот потег, секако, привлече внимание во британските медиуми, па Дејвид беше гледан како вистински патриот (кој заслужува да биде прогласен за витез).
Дејвид волонтираше и на Филипините во 2013 година, откако беа погодени од тајфун, а негови протечени мејлови покажуваат како бара совети за пишување писма за номинација за титулата, но и како суптилно да коментира во интервјуа дека треба да ја добие титулата.
Впрочем, Дејвид најмил цел тим чија задача била да ја подобри неговата репутација во Англија и да го привлече вниманието на комисијата што одредува дали е достоен за титулата.
Дејвид се надевал на титулата уште во 2013 година, но тогаш беше одбиен.
Според мејлови кои се појавија во јавност неколку години подоцна, и тој и Викторија биле разочарани и гневни што бил одбиен.
Тогаш Дејвид бил одбиен од помалку смешна причина – според документите, местото на живеење не му било во Обединетото Кралство.
Следната година, Дејвид повторно бил во игра за титулата, но се појавиле проблеми со наводно неплаќање даноци.
Во 2017 година, Дејвид повторно ја изгуби шансата бидејќи тогаш се појавија мејловите од 2013-та, во кои тој ја навредува комисијата.
Но, оттогаш, Дејвид внимава на своите зборови, донира уште повеќе пари, си ги плаќа даноците и со Викторија не пропуштаат настан ако добијат покана од кралското семејство.
Па, конечно, фудбалерот ќе си ја исполни најголемата желба.
Според изворите на Daily Mail, комисијата била фасцинирана и од добротворната акција што ја организирал Дејвид на неговиот 50-ти роденден.
Побарал од гостите да не му купуваат ништо, туку да донираат пари за помош на деца од целиот свет.
Спирова С. | Црнобело