Елтон Џон за битката со слепило: „Поради инфекција го изгубив видот во десното око, левото ми е многу оштетено“
- Детали
- среда, 26 ноември 2025
„Ужасно е. Бидејќи го изгуби видот во десното око, а и левото не ми е најдобро, изминативе 15 месеци беа вистински предизвик – не можам да гледам, ниту да читам нешто“, вели Елтон Џон за проблемите со видот предизвикани од инфекција.

По очна инфекција минатото лето, Елтон Џон откри дека сега се соочува со слепило – целосно го изгубил видот во десното око, а за левото вели дека има „ограничен вид“.
78-годишниот музичар сега прозборе за проблемот со којшто се соочува и вели дека изминативе 15 месеци биле особено тешки за него.
Во интервју за Variety, тој сподели детали за неговата состојба.
„Ужасно е. Бидејќи го изгуби видот во десното око, а и левото не ми е најдобро, изминативе 15 месеци беа вистински предизвик бидејќи не можам да гледам или да читам нешто.
Досега животот ми бил прекрасен и има надеж. Само треба да бидам трпелив и да се надевам дека некогаш науката ќе ми помогне со овој проблем.
Штом ќе ми помогнат, ќе бидам добар. Никогаш не треба да губите надеж, треба да бидете силни и треба да се борите и да пробувате да си ја подобрите ситуацијата“.
Пејачот додава и дека оди на третмани и забележал минимално подобрување на видот во левото око.
Елтон првпат прозборе за својот проблем во септември минатата година. Тогаш откри и дека имал очна инфекција.
„За време на летото, се справував со сериозна очна инфекција која, за жал, ме остави со ограничен вид во само едното око.
Закрепнувам, но процесот е бавен и ќе помине време додека да си го вратам видот на едното око. Благодарен сум за одличниот тим лекари, болничари и моето семејство, кои водат многу добра грижа за мене.
Летото го поминав тивко, дома, и сум оптимист за прогресот“.
Во новото интервју, Елтон вели дека барем проблемите со видот не му пречат во пеење и свирење.
„Од друга страна, уште можам да свирам. Уште пеам. Неодамна свиревме со бендот и беше преубаво. Искрено, треба само да стиснете заби.
Некогаш сум тажен. Но, кога ја гледам големата слика, имам прекрасно семејство, имам две прекрасни деца, го имам него (сопругот)“.
Елтон додава и дека добива огромна поддршка од колегите што дополнително му ја олеснува целата ситуација.
„Пол Мекартни ми се јавува да ме праша како сум. Се слушам и со Пит Таусенд и Мик Џегер. Или, ќе добијам мејл од Кит Ричардс: ’Здраво мил, како си? Знаеш дека те сакаме‘.
И, ваквите работи ми го разубавуваат денот“.
Неговиот сопруг, пак, вели дека купиле огромен екран кој му овозможува да чита барем малку.
За крај, пејачот вели дека не губи надеж дека во иднина ќе може да си го врати видот и во десното око.
„Оштетена е ретината во десното око, а тие не закрепнуваат природно. Но, работите се менуваат брзо. Има секакви нови теории и откритија“.
Инаку, Елтон Џон и сопругот Дејвид живеат со нивните синови – 14-годишниот Закари и 12-годишниот Илајџа.
Пејачот моментално паузира со концерти, но минува многу време со семејството.
Спирова С. | Црнобело