Брижит Бардо за мрачните периоди од животот: „Се плашам од луѓе, ме спаси чудо кога пробав да се самоубијам“
- Детали
- среда, 03 декември 2025
Во нов документарен филм за нејзиниот живот, актерката Брижит Бардо се присетува на тешките периоди од животот, а вели дека уште страда од депресија. Таа додава и дека кога пробала да си го одземе животот, ја спасило чудо.

Во нов документарен филм, актерката Брижит Бардо се присетува на најмрачните периоди од нејзиниот живот, вклучувајќи ги и неколкуте обиди за самоубиство.
Во филмот, насловен Bardot, 91-годишната ѕвезда вели дека до денес води битка со депресијата, а проблемите со менталното здравје во голема мера биле предизвикани од нејзината слава.
„Пробував да си го одземам животот и ме спаси чудо“, вели актерката во филмот.
На врвот на својата слава, Брижит вели дека била мошне осамена и ѝ било тешко да се справи со тоа што била нарекувана секс симбол.
„Секое утро се будам и сум тажна“, признава актерката.
Брижит се појавува во филмот само накратко, во инсерт снимен во нејзината изолирана куќа во Сен Тропе, опкружена со нејзините мачки и кучиња.
Но, низ документарецот се слуша нејзиниот глас.
Брижит „крена раце“ од филмската индустрија во 1973-та, во обид да избега од љубопитните очи на јавноста и многуте скандали што ја следеа.
Сепак, остана активна како активистка за правата на животните.
„Не ми е гајле дали луѓето ќе ме помнат. Она што навистина сакам да го запомнат е почитта што им ја должиме на животните.
Како што ми минува животот, толку повеќе се плашам од луѓето. Се чувствувам повеќе како животно отколку како човек“, вели актерката.
Брижит се прослави во 1950-тите, и набрзо стана една од најпознатите француски филмски ѕвезди.
Стекна репутација на секс симбол, а бидејќи нејзините филмови беа премногу провокативни за тој период, свештеници од САД и други земји ги молеа луѓето да не ги гледаат.
Дури и од Ватикан ја нарекоа Брижит „злобна“.
Сепак, сето ова само дополнително ја зголемуваше нејзината популарност.
40-тиот роденден го одбележа со гола фотосесија за Плејбој, а фотографиите се познати и денес.
Актерката зад себе има три разводи, додека со четвртиот сопруг уште е во брак, но се шпекулира дека живеат одвоено.
Брижит доби син со вториот сопруг, а добро познат факт е дека воопшто не сакала дете.
Размислувала и за абортус, но тогаш, во 1960-тите, ова било премногу скандалозно, па и нелегално.
„Не сакам да бидам дволична, да кажувам глупости за љубов. Веднаш откако се породив почнав да врескам, ги молев да ми го земат детето. Не сакав да го видам“.
И, син ѝ навистина пораснал без Брижит, туку со семејството на неговиот татко.
Тие немаа никаков контакт сè до 1996 година, кога Брижит пишуваше за него во книга.
Син ѝ ја тужеше за нарушување на приватноста, Брижит мораше да му исплати штета, а по сето ова, дури и го подобрија односот меѓу нив.
Сепак, Брижит признава дека никогаш не се гледала себеси ако мајка.
„Јас не сум создадена за да бидам мајка. Не знам зошто. Сакам животни и сакам мали деца, но мислам дека не сум доволно зрела.
Знам дека е ужасно да го признаам ова, но не сум доволно зрела за да се грижам за дете“.
Брижит се држи настрана од јавноста, но неодамна предизвика загриженост бидејќи двапати беше пренесена во болница.
Почна да се е шпекулира дека има сериозни проблеми со здравјето, но нејзиниот портпарол ги замоли локалните медиуми „да не пренесуваат лажни вести“, како и дека актерката е во добра состојба.
Новиот филм, Bardot, веќе се прикажува во кината во Франција, но не е познато дали и кога ќе биде достапен на некоја од стриминг платформите.
Прочитајте и: Бурниот љубовен живот на Брижит Бардо: Се венчала 4 пати, имала афери со над 20 мажи
Спирова С. | Црнобело