„Моите девојчиња можеби никогаш нема да проодат“ - Британска пејачка скршена по страшната дијагноза за близначките
- Детали
- понеделник, 05 јануари 2026
„Спиналната мускулна атрофија влијае на секој мускул во телото - нозе, раце, на мускулите кои помагаат при дишење, при голтање. Ако не се третира навреме, животниот век на детето не надминува две години“, вели Џеси Нелсон од Little Mix, која во мај предвреме ги роди ќерките.

Поранешната членка на популарната британската група Little Mix, Џеси Нелсон, објави дека нејзините ќерки близначки можеби никогаш нема да проодат и дека лекарите им дијагностицирале страшна болест неколку месеци по раѓањето.

Џеси објави видео на своите социјални мрежи во кое открива дека нејзините ќеркички имаат ретка и тешка генетска болест, поради која лекарите им кажале дека девојчињата можеби никогаш нема да проодат.
Во емотивното видео, Џеси раскажува за трнливиот пат низ кои поминале, кои се симптомите кои ги имале нејзините деца, со порака до родителите на бебиња да не чекаат доколку забележат вакви симптоми кај своите деца.

Пејачка откри дека нејзините ќерки страдаат од спинална мускулна атрофија (SMA) тип 1, најтешката форма на оваа прогресивна болест.
„SMA влијае на секој мускул во телото - нозе, раце, на мускулите кои помагаат при дишење, при голтање“, вели Нелсон и раскажува дека во еден момент забележале дека девојчињата не ги движат нозете како што треба, но и дека не јадат и имаат сериозни проблеми со хранењето.

Иако лекарите им велеле дека е нормално да не сакаат да јадат и дека тоа ќе се смени, сепак состојбата на девојчињата не се подобрувала.
По околу четири месеци исцрпувачки прегледи и неизвесност, близначките конечно биле дијагностицирани со SMA во болница во Лондон.

