Почина Роберт Дувал (95), поранешниот домар кој изговори една од најцитираните реплики во филмската историја
- Детали
- вторник, 17 февруари 2026
Се прослави со Godfather, освои Оскар, бил женет четирипати, а за да преживее во Холивуд чистел ходници на Универзитет и работел во пошта. Како Роберт Дувал стана една од легендите на филмот?

Холивудската легенда Роберт Дувал почина само еден и пол месец по неговиот 95 роденден (роден е на 5 јануари 1931 во Сан Диего).
Сопругата Лусијана (54) откри дека оскаровецот починал мирно дома, на 15 февруари.

„За светот тој беше актер, режисер, раскажувач, добитник на Оскар. За мене, тој беше едноставно сè“, напиша таа.

Листата на неговите улоги е огромна, а тука се The Godfather, To Kill A Mockingbird, M*A*S*H, The Conversation, True Grit и други.

Но, како пореметениот потполковник Килгор во Apocalypse Now, тој изговори една од најцитираните реплики во историјата на киното.
Соблечен до половината на бојно поле, со каубојски шешир додека околу него горат огнови и пукаат гранати, тој вели: „Го обожавам мирисот на напалм наутро“.

Роберт Дувал никогаш не сакал да биде етикетиран како ѕвезда, и покрај неговиот Оскар, наградата БАФТА, четирите Златни глобуси и две Еми награди.

Филмските критичари, пак, го опишуваа како „американскиот Лоренс Оливие“ - комплимент што Дувал го доби затоа што призна дека кога почнал да глуми, се моделирал себеси како актер според големата англиска театарска ѕвезда.
„Се качував во мојата соба, се чешлав како Оливие и рецитирав монолог“, кажа тој во една пригода.

Дувал се женеше четирипати и има посвоени деца, но не и биолошки.
„Претпоставувам дека ‘пукам ќорци’. Се обидов со многу различни жени, во и надвор од бракот“, рекол тој.
