„Едвај станувам од кревет, некогаш морам да носам пелени“: Кристина Еплгејт искрено за битката со мултипла склероза
- Детали
- среда, 25 февруари 2026
„Болеста може да се манифестира на различен начин кај секого. Јас, на пример, лежам во кревет и врескам – имам силни, остри болки… Некогаш, пак, не можам да си го земам ни телефонот во рака“, има изјавено Кристина Еплгејт за битката со мултипла склероза. Наскоро таа ќе издава мемоари во кои зборува за најмрачните периоди од животот, како детството со мајка зависничка и битката со рак на дојка.

Актерката Кристина Еплгејт од 2021 година живее со мултипла склероза и се труди да биде што е можно поотворена за нејзината битка.
Неодамна актерката сподели дека веќе поголемиот дел од времето го минува во кревет бидејќи секое движење ѝ предизвикува болка.
Сепак, се труди да стане од кревет за својата 15-годишна ќерка, за да може да ѝ помага со училиште и секојдневните активности.
„Сакам јас да ја носам на училиште, тоа ми е омилената активност.
Тоа е единствениот период од денот што го имаме само за нас двете“, вели актерката за магазинот People.
Но, истакнува дека ни ова не е воопшто лесно, па секое утро мора да се бодри.
„Си велам: ’Само стигни до училиштето безбедно, врати се дома и ќе можеш да си легнеш во кревет‘“.
54-годишната актерка додава дека од друга страна, тоа што е „врзана за кревет“ ѝ дава некоја нова слобода да престане да се преправа пред другите луѓе и да биде што е можно поискрена.
„Мојот живот не е совршен. Животите на луѓето некогаш се ужасни. Па, пробувам да бидам што е можно поискрена“.
Кристина напиша и мемоари што ќе бидат издадени во март, а во кои се присетува и на другите тешки период и од животот.
Мултипла склерозата не е единствената битка што ја водела во животот – претходно Кристина имаше и рак на дојката.