Од фризерки до шанкерки: Славни мажи кои се венчаа со анонимни жени
- Детали
- недела, 13 јануари 2019
Иако љубовните приказни каде светска ѕвезда губи ум по девојка од соседството се претежно резервирани за филмското платно, неколку познати имиња докажуваат дека ваквото сценарио е можно и во реалниот живот.
Говорејќи за сопругата Лусијана Баросо (43), популарниот актер Мет Дејмон (48) има кажано во една прилика дека е вистински среќник што се вљубил во „обична смртничка“.
Земајќи предвид дека бракот им трае повеќе од една деценија, се чини дека сепак е во право. Кои се останатите колеги од светот на шоу бизнисот што му се придружуваат на листата?
Од фризерки до шанкерки, ова се славните мажи кои се венчаа со анонимни жени:
Еди Редмејн и Хана Бегшо
Парот се венчаше во декември 2014 година, а нивната приказна започнала со чисто пријателство. Еди одел во англиско училиште за момчиња, додека Хана била во соседниот интернат за девојки.
Кога со нејзините соученички организирале хуманитарна модна ревија, тој доброволно се пријавил да излезе на пистата без маица. Актерот се присетува дека баш ѝ не се покажал најдобро во очите на женската публика, ама затоа го забележала Бегшо.
По дружење од цели дванаесет години, тие официјално започнаа врска во 2012 година, појавувајќи се за првпат заедно како двојка и на црвениот тепих. Понежната половина на оскаровецот се занимава со односи со јавност.
Патрик Демпси и Џилијан Финк
Двојката е во брак од јули 1999 година. Славниот глумец ја запознал идната сопруга во нејзиниот салон „Делукс" во 1994 година. Кога фризерката го здогледала името на списокот со муштерии, прво што си помислила е дека станува збор за шега од колегите.
Потоа следел шок кога вистинскиот Патрик Демпси ѝ дошол на потстрижување. Џилијан Финк ја обземала голема радост, бидејќи актерот го сметала за неодоливо сладок. Од друга страна, во тоа време и двајцата биле емотивно врзани за други партнери.
Меѓутоа, после трите години во кои редовно закажувал термини за шишање, a попатно флертувале, тие конечно си ја признале обостраната љубов.
Кристијан Бејл и Сиби Блажиќ
Парот се заколна на вечна љубов во јануари 2000 година. Американката со српско потекло тогаш работела како лична асистентка на Винона Рајдер. Првпат се виделе на домашна забава во организација на глумицата. Подоцна „побегнале“ во Лас Вегас, каде наводно ги венчал имитатор на Елвис Присли.
Кристијан Бејл имал 26 години, а Сиби Блажиќ полни 30 години. Кога ја освои наградата Оскар за најдобар актер во споредна улога, на новинарите им изјави дека за време на бракот, неговата сопруга морала да биде венчана за мноштво различни ликови.
Саканата ја нарече добра и силна жена, без која знае дека сѐ што постигнал не би било возможно.
Мет Дејмон и Лусијана Баросо
Двојката застана пред олтарот во декември 2005 година. Кога познатиот актер ја запознал својата харизматична сопруга, таа работела како шанкерка во бар во Мајами, кадешто тој престојувал за време на снимањето филм.
Членовите на филмската екипа го наговориле да излезе со нив, по што во просторијата полна со луѓе од другата страна, нему во очи му паднала аргентинката Лусијана Баросо.
Ѕвездата вели дека не знае дали некогаш би им се вкрстиле патиштата, ако дента буквално не го натерале да седне на пијачка. Парот ги обнови брачните завети во 2013 година.
Винс Вон и Кајла Вебер
Парот се зема во јануари 2010 година, a и самите се запознале на свадба во 2008 година. Кајла Вебер била другарка од детството на сопругата на пријател на Винс Вон.
Израснала на мала фарма во место кое брои околу четиристотини жители. Во периодот кога го сретнала, таа работела како агент за недвижности. Бидејќи живеела далеку, глумецот на почетокот бил скептичен околу врската.
Првин разменувале електронски пораки и телефонски повици, по што набрзо станале неразделни. Во повеќе наврати, комичарот истакна дека изборот на неа за животна сопатничка му е навистина добра одлука.
Алек Болдвин и Хиларија Томас
Двојката го кажа судбоносното „да“ во јуни 2012 година. Погледите им се сретнале во еден вегански ресторан во Њујорк.
Додека Хиларија стоела пред вратата, Алек Болдвин ѝ пришол со зборовите дека „мора“ да се запознаат. Глумецот подоцна се пошегува на лична сметка, изјавувајќи дека неговата прва реченица не била претерано паметна.
Кога се запознала со холивудскиот актер, 27-годишната Томас работела како инструкторка по јога, во студиото кое го отворила по дипломирањето на Универзитетот во Њујорк.
М. А. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





