Детали за трагичната смрт на Диого Жота: „Не беше пијан, тргна со автомобил бидејќи не смееше да лета поради операција“
Полицијата уште истражува што точно се случило пред несреќата.
Според досегашните информации, фудбалерот и брат му биле во автомобил од брендот Lamborghini и се претпоставува дека пукнала една од гумите додека претекнувале друг автомобил.
Поради ова, веројатно изгубиле контрола над возилото и излетале од патот, пред автомобилот да се запали.
Веднаш била повикана брза помош, но фудбалерот и неговиот брат не можеле да бидат спасени.
Засега полицијата вели дека не е потполно сигурна дали зад воланот седел Диого или брат му Андре.
Вчера попладне телата на фудбалерот и брат му беа однесени на обдукција, а биле идентификувани со документите кои ги носеле со нив.
Денес ќе има меморијална служба за Диого и Андре, додека погребот ќе биде утре.
Во меѓувреме, јавноста, фановите и колегите се збогуваат од Диого. Се огласи и менаџерот на Ливерпул, кој изрази сочувство за смртта на фудбалерот и брат му.
„Што да кажам? Што може да каже кој било во ваков период, кога шокот и болката се толку силни? Сакам да имав зборови, но немам. Сè што имам се чувства што сите ги споделуваме за една личност и играч што го сакавме многу…
Последен пат кога зборувавме, му честитав на Диого за победата на Лигата на нациите и му посакав среќа за свадбата. На многу начини, ова беше лето од соништата за Диого и неговото семејство, што го прави уште потрагично бидејќи требало да заврши вака“.
Стадионот Anfield во Ливерпул веќе е претворен во меморијал за Диого и бројни фанови оставаат цвеќе, дресови, фудбалски топки… И знамето на Ливерпул пред стадионот е пуштено на пола копје.
И Вимблдон им дозволи на играчите да го прекинат строгиот дрес код – доколу сакаат, можат да носат црна лента на раката за да изразат сочувство. Инаку, играчките на тенискиот турнир можат да носат само бело.
Од Ливерпул споделија дека во знак на почит кон семејството на Диого, засега нема да коментираат ништо.
Но, по барање на фановите, клубот изјави дека ќе го повлечат дресот со број 20 – бројот на Диого. Односно, во иднина, ниту еден играч нема да го носи тој број.
Со емотивна објава, и Кристијано Роналдо му одаде почит на соиграчот со кого го освоија трофејот во Лигата на нации.
„Нема смисла. Пред малку бевме заедно во националниот тим, пред малку се венча. До твоето семејство, твојата сопруга и деца, им изразувам сочувство и им ја посакувам целата сила на светот. Знам дека секогаш ќе бидеш со нив.
Почивајте во мир Диого и Андре, ни недостасувате на сите“.
Прочитајте и: Се запознале на 16 години, се венчаа 11 дена пред да загине: Љубовната приказна на Диого Жота и сопругата заврши трагично
Спирова С. | Црнобело
