ШК Алкалоид по третпат до европската вицешампионска титула!

Во последното седмо коло од Европскиот клупски куп, кој се играше на грчкиот остров Родос, шахистите на Алкалоид забележаа убедлива победа од 4,5 : 1,5 над најсилниот претставник на Израел, Ришон ле Цион, кој е седми носител на турнирот според почетниот рејтинг, со што ја освоија втората позиција на табелата, односно вицешампионската тутула!

shk-alkaloid-po-tretpat-do-evropskata-viceshampionska-titula-01.jpg

Овој турнир е најсилен во клупската конкуренција на Стариот континент, поради што често се споредува со Лигата на шампионите, а ШК Алкалоид триумфираше на него во 2016 година, додека, пак, во 2017, 2024 и во 2025 година го освои второто место.

Импресивен резултат за клубот кој бележи 49 години постоење и шаховски раст, континуирано поддржуван од компанијата „Алкалоид“.

– Нималку лесна победа во последното коло против тим кој може да се нарече елитен, па по три часа игра резултатската неизвесност беше присутна. На првите четири табли не гледавме шанса за победа, но нештата се свртеа откако на петтата табла Александар Инѓиќ (2.618) со бели фигури успеа да го надигра Евгени Занан (2.504). Постепено и на шестата табла Абиманју Пураник го скрши отпорот на ИМ Ор Бронштајн (2.460), па на тој начин започна да се наѕира победата која беше вредна медал. Тимот покажа карактер по вчерашниот минимален пораз од ривалите за тронот, со што беше демонстриран борбен и победнички дух против тврдокорниот противник – коментираше ВМ Влатко Богдановски, кој е капитен на интернационалниот состав на ШК Алкалоид.

shk-alkaloid-po-tretpat-do-evropskata-viceshampionska-titula-02.jpg

Израелскиот тим беше предводен од легендарниот Борис Гељфанд (2.636), поранешен учесник во меч за светски првак, кој успеа со голем жар да ја одржи послабата позиција во сицилијанска одбрана на првата табла против Арјун Еригаиси (2.773).

Ји Веи (2.754) имаше црни фигури против уште еден елитен израелски велемајстор, Максим Родштајн (2.647), кој годинава на поединечното Европско првенство го делеше првото место. Членот на ШК Алкалоид солидно се бранеше, а кога противникот ја мина црвената линија обидувајќи се да игра на победа, со целосен пресврт успеа да донесе цел поен за висок резултат.

И на третата табла Јангји Ју (2.720) не успеа да создаде конкретна предност бидејќи Ницан Штајнберг (2.554) одигра на врвно ниво. Најдолго траеше дуелот на Читамбарам Аравинд (2.711) на четвртата табла, кој играше 70 потези, и неговиот противник Јахли Соколовски (2.539), кој ги преживеа сите напади.

shk-alkaloid-po-tretpat-do-evropskata-viceshampionska-titula-03.jpg

Ји Веи и Абиманју Пураник дополнително освоија и сребрени медали како најуспешни играчи на втората и на шестата табла, додека, пак, Читамбарам Аравинд ја присвои бронзата на четвртата табла.

Романскиот претставник СуперЧес, предводен од светскиот првак Гукеш, иако четврти носител, на крајот како единствен непоразен тим и со само една загубена партија (и тоа во последното 7. коло) за првпат го освојува пехарот во Европскиот клупски куп со максимални 14 бодови. ШК Алкалоид на второто место има 12 бодови, колку и чешкиот Нови Бор, кој играше само со македонскиот шампион меѓу ривалите од првата петорка и го загуби тој дуел, но, сепак, на крајот стигна до шест победи и до бронзен медал.

Идната година предвидено е домаќин на Европскиот клупски куп во шах да биде Црна Гора.

shk-alkaloid-po-tretpat-do-evropskata-viceshampionska-titula-04.jpg

Би можело да ве интересира:

Ламин Јамал не сакаше да потпише договор за Барса без баба му - Која е приказната зад нивната силна ... Наместо со менаџери и „важни фаци“, Јамал на церемонијата дојде со семејството, ...
Македонското знаме повторно ќе се вее на врвот: Европскиот шампион Петар Мијалков ги стартуваше подг... По блескавата 2025 година во која го покори Стариот Континент и стана апсолутен ...
Пропаста на фудбалската легенда Марадона: Ја заврши кариерата поради дрога, умирал во агонија Диего Марадона почина од инфаркт, но последните денови од животот му биле ужасни...
Нашата скијачка Јана Атанасовска не ја заврши трката во слалом на Олимпијадата 2026 „По идентичното сценарио од велеслаломот пред неколку дена, Јана направи грешка ...
Македонска гордост! Таеквондистката Мила Рељиќ од скромно семејство, без услови и скапи тимови зад н... „Ја победивме двократната олимписката шампионка, светска шампионка и трикратна е...
Македонецот Виктор Петков го имаше првиот настап на Олимпијада 2026: „Го освои 55-то место во силна ... „Покажувајќи голема смиреност и добра тактика во второто возење, младиот Петков ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg