Македонци истрчаа 400km од Љубљана до Задар во тимска трка: „Завршивме за 33 часа, најтешко е ноќе кога си сам на патеката“
- Детали
- петок, 12 јуни 2026
„Системот беше „штафетен“ - додека дел од екипата трча, другите одмораа во комбето, јадеа, се обидуваа да фатат малку сон и се подготвуваа за следната смена. Мораме да споменеме дека бевме „најматори“ од сите учесници, но со големо срце“, вели Филип Поповски, кој со својата екипа 091RunCrW, учествуваше во екипната трка EuroTriр.

ЕuroTrip е тимска трка која ги поврзува луѓето кои се вљубеници во трчањето, градовите и Европа како целина. Започна во 2022 година со идеја да се трча од Бриж во Белгија до Келн во Германија.
Следната година се трчаше од Келн до Стразбур во Франција, лани трката беше од Стразбур до Инсбрук во Австрија, годинешното, четврто издание беше од Инсбрук до Љубљана, а годинава се трчаше од Љубљана до Задар.
На оваа патека, која е долга 400km, учество зеде и македонска екипа, 091RunCrw, а меѓу нив и Филип Поповски, кој за CRNOBELO.com, раскажа за нивното патешествие и авантуристичката трка која траела околу 33 часа:

Од каде до каде се трчаше и колку километри?
„Еуротрип“ авантурата оваа година беше вистински маратонски предизвик!
Стартната линија беше во прекрасната Љубљана, а целта ни беше Задар.
Вкупно изгазивме околу 400 километри низ планини, ридови, села - патека која не само што ги тестираше нашите нозе, туку ни ги наполни очите со пејзажи што изгледаат како од разгледница.
Особено симнувањето преку Мајсторска цеста на Велебит кон морето.

Кој беше дел од екипата и колку време трчавте?
Тимот на 091RUNCrW го сочинуваа 12 ентузијасти, вљубеници во спортот и адреналинот, доследни од почеток до крај.
Бевме тим што дишеше како еден, а трчавме вкупно околу 33 часа без престан.
Да, баш така - нозете не смееја да застанат!

Како се ротиравте?
Системот беше „штафетен“, но со многу помалку комоција од она што го замислувате.
Додека еден дел од екипата трчаше, другите одмораа во комбето, јадеа, се обидуваа да фатат малку сон и се подготвуваа за следната смена.
Тоа е игра на доверба и дисциплина - кога еден паѓа со енергија, другиот го крева.
Секако јадењето беше предизвик, дали да јадеш или да спиеш.
Мислам дека изедовме толку „врапови“, што следниот ќе ни биде тек за една година.
