Зоран Јовановски од Василево е прв Македонец кој ќе се натпреварува на Зимска параолимпијада - ќе настапи во параскијање
- Детали
- понеделник, 23 февруари 2026
„Ова е историски чекор за скијачките спортови во Македонија“, велат од Скијачката федерација, откако објавија дека првпат и еден Македонец ќе се натпреварува на Параолимпијада.

Зоран Јовановски од Ангелци, Општина Василево е прв македонски спортист во историјата на земјава кој ќе настапи на Зимски параолимписки игри.
Веста за учеството на Зоран на Параолимпијадата во Милано и Кортина ја објави Скијачката федерација на Македонија (СФМ).

Во нивната порака на социјалните мрежи, пишува:
„Ова е историски чекор за скијачките спортови во Македонија и доказ дека со визија, системска работа и посветен тим можеме да поместуваме граници и да создадеме нови страници во спортската историја.
Искрена благодарност до целиот стручен тим, тренерите Јане Стефанов и Петар Илев за професионалноста, посветеноста и вербата, на Вангел Тркаљанов кој го донесе параскијањето во државата и организираше над 20 ски-кампови и целиот организациски тим и сите кои придонесоа овој успех да стане реалност.

Како федерација остануваме цврсто посветени на развојот на скијачките спортови, создавање еднакви можности и градење систем што ќе овозможи нови генерации спортисти да стигнат до најголемите светски сцени.
Заедно создаваме историја!“

Зимската параолимпијада во Милано и Кортина ќе трае од 6 до 15 март.
Инаку, Јовановски испиша историја и во 2024-та, кога дебитираше на трки од календарот на Светската скијачка федерација.

А. Ј. | Црнобело /фото: Фејсбук
