Детали за несреќата во која загина екс-голман на Арсенал - воз го влечел автомобилот неколку метри, преминот бил необезбеден
На преминот бил поставен знак „стоп“, а полицијата испитува дали бил изграден според пропис.
„Станува збор за макадамски пат што ја сече локалната железничка пруга. Ако се продолжи по тој пат, се стигнува до неколку викенд-куќи и рибници“, рекол Ганисл.

Екс голманот, пак, бил страстен риболовец и тоа утро бил на пат кон рибниците.
Во интервенцијата за извлекување на телото на Манингер учествувале околу 20 пожарникари, а Црвениот крст интервенирал со хеликоптер за итна помош и две возила на итна медицинска служба.

Сепак, тој бил веднаш прогласен за мртов.
Што знаеме за неговата кариера?
Првите професионални чекори ги направил во средината на 90-тите години во Казино Салцбург и Форвертс Штаер, по што потпишал договор за Грацер АК.
Во 1997 година, тој стана првиот австриски фудбалер кој заигра во англиската Премиер лига, потпишувајќи за лондонски Арсенал.

Таму редовно го менуваше првиот голман Дејвид Симан и имаше значаен придонес во освојувањето на двојната круна (Премиер лига и ФА Куп) во сезоната 1997/98.
По заминувањето од Англија, Манингер се пресели во италијанската Серија А, бранејќи за Фиорентина, Торино, Болоња и Сиена.

Но, од 2008 до 2012 година бранеше и за Јувентус, како замена за Џанлуиџи Буфон. Со тимот ја освои шампионската титула во сезоната 2011/12.
Кон крајот на својата кариера, Манингер се пресели во германската Бундеслига каде четири години го чуваше голот на Аугсбург, а професионалната кариера ја заврши во 2017 година, во Ливерпул.

За репрезентацијата на Австрија, имаше 33 настапи, а беше дел од националниот тим и за време на Европското првенство во 2008 година.
По пензионирањето се повлече од јавноста и фудбалот, посветувајќи се на својот прв занает како столар и работеше во секторот за недвижности.

А. Ј. | Црнобело / фото: Фејсбук