„Сум била во Северна Кореја 30 пати – земјата е сосема нормална, не е лошо како што се претставува“
- Детали
- сабота, 03 мај 2025
„Сакам да ви ја покажам нормалната страна на Северна Кореја – многу странци мислат дека луѓето тука гладуваат и пробуваат да избегаат. Но, во реалноста, си го живеат животот нормално. Овде, јас најмногу сакам да одам на кафе и на фризер“, вели Британка која организира туристички тури во контроверзната земја.
Северна Кореја е една од најизолираните земји во светот и неретко слушаме за строгите казни со кои се соочуваат тамошните жители ако ги прекршат правилата.
Со Ким Џонг Ун на чело, Северна Кореја е диктаторска земја каде лидерите не се избрани од народот, туку си го наследуваат „тронот“, како во монархија.
Голем дел од населението живее во сиромаштија, а доколку прекршат некое од строгите правила наметнати од власта, може да бидат казнети со принудна работа во логор, но и смрт.
Во 2020 година, поради пандемијата, Северна Кореја беше затворена за туристи. На почетокот до 2025-та, забраната беше делумно тргната и неколку групи ја посетија земјата. Сепак, во април годинава, мерките повторно беа заострени, од непознати причини.
Сега многу мал број луѓе добиваат дозвола да влезат во земјата, а притоа треба да следат строги правила - туристите немаат слобода да шетаат сами, туку постојано се придружувани од туристички водич, но и вооружени лица.
Зои Стивенс од Ливерпул организира туристички патувања до Северна Кореја и досега ја посетила земјата 30 пати.
31-годишниот туристички водич организира тури за туристи од Англија, Германија, Холандија и Австралија, а вели дека според она што го видела досега, Северна Кореја е најнормална земја.
Иако некои ја обвинуваат дека е платена да шири пропаганда, Зои стои на ставот дека Северна Кореја е прекрасна држава во која луѓето имаат убав и нормален живот.
Зои признава дека мора да се следат некои правила кога го посетуваат главниот град Пјонгјанг, како да не се оддалечуваат од групата. Но, дека освен тие „ситници“, сè друго било во најдобар ред.
„Сакам да ви ја покажам нормалната страна на Северна Кореја – многу странци мислат дека луѓето тука гладуваат и пробуваат да избегаат. Но, во реалноста, си го живеат животот нормално.
Многу сакам да шетам низ руралниот дел на Северна Кореја, а во Пјонгјанг најмногу сакам да одам на кафе и на фризер“, вели Зои.
Британката првпат отпатувала во Северна Кореја во 2016 година и почнала да ја посетува еднаш месечно, освен во периодот на пандемијата.
Зои вели дека секојпат кога носи група туристи во Северна Кореја, им одржува предавање од околу еден час за да им ги каже сите правила.
„Сакам да се осигурам дека сите се безбедни и да им помогнам да ги разберат културолошките стереотипи.
Има три главни правила што треба да ги следат туристите – кога се фотографираат со слика од лидерот, мора да покажат почит. Не смеат да фотографираат воени лица или градилишта.
Мораат да се движат во група – на соло патниците не им е дозволен влез во државата – и со нив секогаш треба да имаат двајца чувари“.
На социјалните мрежи, Зои честопати е обвинувана дека е платена за да шири пропаганда за Северна Кореја, но таа тврди дека никогаш не почувствувала опасност, како и дека се спријателила со многу локалци.
Сепак, додава дека не може да остане во контакт со нив бидејќи на жителите им е забрането да користат социјални мрежи и да се јавуваат надвор од државата.
„Јасно ми е зошто луѓето мислат дека ширам пропаганда. Но, мислам дека луѓето не се навикнати да ја бидат позитивната страна на Северна Кореја.
Не пробувам да ја промовирам земјата, но сакам да кажам дека омилен дел ми се луѓето, но и храната и пејзажите“.
Што мислите вие за ставот на Зои за Северна Кореја?
Прочитајте и: „Бев во Северна Кореја како турист – Ким Џонг Ун го гледаат како бог, не смеев сам да одам ни до тоалет“
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





