„Си поминав ужасно на одмор во Грција“ - Туристка стана мета на потсмев поради бизарните поплаки за хотел на Крф
- Детали
- петок, 06 јуни 2025
Британка која била на одмор на островот Крф вели дека ова ѝ било најлошото патување во животот - се жали дека не ѝ давале втор клуч, но од хотелот велат дека го користела за да ја остави климата вклучена и кога не е во собата. Се жали и дека немало англиска храна, туку само грчка, како и дека не можела да оди на плажа бидејќи била на „дури“ 150 метри од хотелот.

Кога одиме во друга држава, локалната храна е еднa од работите што го прави целото искуство поубаво.
Во Италија сакаме да пробаме италијанска храна, во Турција сакаме да пробаме турска храна, а во Грција – грчка. И, секако, не одиме во сосема нова држава со очекување дека таму ќе нè пречека македонска храна.
Но, на жена од Англија токму ова ѝ го расипало одморот во Грција.
69-годишната Сузан Едвардс со нејзината ќерка поминала седум ноќи во all-inclusive хотел на грчкиот остров Крф, и вели дека за неа, овој одмор бил кошмар бидејќи немало англиска храна.
„Патувањето беше ужасно од моментот кога пристигнавме. Немаше храна што ја јадеме и немаше ништо што можеме да пиеме“, се жали жената за британски медиум.
„Првото утро имаше двопек, варени јајца и нешто во некаков сос. Немаше сланина. Следниот ден појадокот беше моцарела и домати.
Немаше сланина или колбаси. За среќа, еден ден имаше помфрит, но само еден ден од целиот одмор.
Постојано имаше риба, сардини и ориз – ми се згади од оризот. Имаше некакви тестенини и салати. Една вечер имаше ’грчка ноќ‘ и правеа ражничи.
Јас не можам да го јадам тоа. Ова е најлошиот одмор на којшто сум била“.
Таа се жали и за пијалаците – во цената имале вклучено вино, узо, пиво од грчки бренд и вињак, како и безалкохолни пијалаци.
Но, на гневната Британка не ѝ се допаднале ни пијалаците – не сакала узо и не можела да пие вињак, па целиот одмор не се напила ништо.
Бидејќи во хотелот во Грција немало британска храна, таа се жали дека морале да купуваат.
„Плативме 750 евра за хотелот, туристичка такса за мене и ќерка ми, па потоа уште 450 евра за нашите оброци. Со тие пари можевме да одиме на Карибите“.
Поплаките допреле до грчкиот хотел, па тие решиле да ја споделат својата страна на ситуација:
„Нашето бифе е богато и разновидно секој ден, нудиме свежи салати, овошје, зеленчук, ладни и топли оброци што ги задоволуваат вкусовите на туристите од Европа и Медитеранот. Не е точно дека сме служеле само ориз и сардини“.
Но, Британката имала и друга поплака.
