„Го посетив Санторини во 2018-та, ме маѓепса, но зошто сега не би се вратила таму?“
- Детали
- сабота, 14 јуни 2025
„Со само рачен багаж и мојата пријателка покрај мене, пристигнавме во нашиот модерен апартман во Фира, главниот град, каде што нè опкружуваше спектакуларен пејзаж...“, ја започнува својата приказна Викторија Чесам од Велика Британија.

Викторија Чесам од Велика Британија, уредничка и новинарка во магазинот Mirror, ги споделува искуствата од посетата на Санторини и како и кога се вљубила во овој магичен остров со спектакуларни зајдисонцa.
Нејзината прва средба со островот била во 2018-та година.

Нејзиното искуство оттаму и споредбата со денешната ситуација:
„Слетувајќи со авионот на Санторини, островот изгледаше груб, но прекрасен и со нетрпение очекував да започнам со истражување.
Слетав на овој прекрасен остров само за четиридневно патување, за да присуствувам на свадбата на една од моите најблиски пријателки и да уживам во по некој коктел.

Со само рачен багаж и мојата пријателка покрај мене, пристигнавме во нашиот модерен апартман во Фира, главниот град, каде што нè опкружуваше спектакуларен пејзаж.
На само кратко пешачење се наоѓаше центарот на градот, кој е со шармантни улички од калдрма и низа традиционални ресторани и продавници.

И речиси секоја тераса гледаше кон Егејското Море, што беше уште поволшебно кога сонцето заоѓа, обојувајќи го небото во розови, виолетови и портокалови нијанси.

Беше некако скромно, со патчиња кои ненамерно нудеа некои од најубавите глетки што некогаш сум ги видела и слободно можам да кажам дека Санторини ми го освои срцето уште првата вечер.
Тоа беше во доцниот април, 2018 година, пред седум години. И тажно е да се каже, но многу работи се имаат променето од мојата прва посета на островот.

Сега фотографиите од истите тие патеки што тогаш ги минував слободно, се застрашувачки на социјалните мрежи, бидејќи се исполнети со толпа туристи со една единствена мисија – да го уловат славното зајдисонце на Санторини.
Патеките денес се преполни со луѓе, рамо до рамо, кои очајно се обидуваат да ги обноват своите Инстаграм профили со најнови фотки и видеа.