Единствениот преживеан во несреќата во Индија раскажа за трауматичното искуство: „Гледав како луѓето околу мене умираат“
Иако се спасил, она што го видел во авионот веројатно ќе го прогонува целиот живот.
„Гледав како луѓето умираат – стјуардесата, двајца патници што ги забележав покрај мене… За миг помислив дека и јас ќе умрам, но кога ги отворив очите и погледнав наоколу, сфатив дека сум жив.
Уште не ми се верува дека преживеав. Само си заминав од местото на несреќата“.
Докторот од болницата во Ахмедабад кој се грижи за преживеаниот Вишваш вели дека бил дезориентиран и со повреди по целото тело, но дека е надвор од животна опасност.
„Има само мали повреди. Има повреди на левата рака и оток на десниот очен капак и во областа на очите. Градите и стомакот му се добри, нема скршеници. Пациентот е стабилен“.
Според болничарите не е чудо само што преживеал, туку чудо е и што нема никакви сериозни повреди.
Моментално не е познато дали Вишваш уште е во болница, но лекарите открија дека планираат да го пуштат за време на викендот, а и неговото семејство веројатно веќе е пристигнато во Индија.
Засега нема детали за истрагата за можната причина за несреќата. Претходно една од можните причини беше судир со птица која ги оштетила моторите, но наводно сега оваа теорија е отфрлена.
Повикувајќи се на свој извор, Retuers споделува дека истрагата се фокусирала на три можни причини, вклучувајќи проблеми со крилата на авионот, како и можен пропуст од страна на авиокомпанијата за време на техничкиот преглед на авионот.
Се истражувало и зошто тркалата за слетување биле отворени толку долго по полетувањето.
Авионот што се сруши е Boeing 787 Dreamliner. Како што пренесува The Guardian, ширум светот има над 1.000 вакви модели и ги користат повеќето големи меѓународни авиокомпании.
Ова е првпат авион од овој модел да се сруши.
Според експертите, моделот бил нарекуван „револуционерен“ бидејќи бил многу лесен и трошел помалку гориво. Низ годините, имало неколку мали технички проблеми со овие модели, но ништо приближно страшно како трагедијата.
„Имало проблеми низ годините. Пред околу десет години, се запали литиумска батерија на авион кој беше паркиран на аеродромот Heathrow во Лондон.
Во 2013 имаше неколку електрични пожари поради кои леталото беше накратко приземјено. Но, оттогаш немало ништо што би создало простор за грижа во врска со овој модел“, вели експерт за The Guardian.
Прочитајте повеќе: Последно селфи во авионот, пред трагедијата во Индија: Брачен пар се подготвувал за нов живот во Лондон со трите деца
Спирова С. | Црнобело