Единствениот преживеан во несреќата во Индија раскажа за трауматичното искуство: „Гледав како луѓето околу мене умираат“
- Детали
- понеделник, 16 јуни 2025
„Светилките почнаа да трепкаат зелено и бело… Авионот не се искачуваше и одеднаш се судри во зграда и експлодира“, раскажува единствениот преживеан патник од авионот кој минатата недела удри во зграда во Индија. Според последните информации, бројот на жртви веќе е искачен на 270.

Поминаа четири дена од авионската несреќа во Индија во која животот го загубија сите патници, освен еден.
Според последните информации, бројот на жртви веќе се искачи на 270 – покрај 241 лице од авионот, има загинати и во зградата во којашто удри авионот.
Како што пренесува BBC, идентификувањето на жртвите уште трае, а бројот на загинати се очекува да биде и поголем.
Во петокот (13.06) беше најдената црната кутија во авионот, а надлежните од Индија и Англија уште ја истражуваат за причината за трагедијата.
Преживеаниот Британец – Вишваш Кумар Рамеш – е во стабилна состојба, а викендов даде и подетален опис за страшното искуство.
40-годишниот Вишваш вели дека успеал да излезе од авионот преку една од вратите, а потоа веднаш добил помош од локалците што го забележале.
„Успеав да го откопчам безбедносниот појас, со нозете ја турнав вратата и со лазење излегов од авионот“, раскажува Британецот за индиските медиуми.
Тој вели дека кратко по полетувањето, светилките во авионот почнале да трепкаат, а по десетина секунди, му се чинело како „авионот да е заглавен во воздух“.
„Светилките почнаа да трепкаат зелено и бело… Авионот не се искачуваше и одеднаш се судри во зграда и експлодира“.
Тој додава дека страната на којашто седел не удрила во зградата, па веројатно и затоа успеал да се спаси.
„Кога успеав да ја отворам вратата, видов малку простор, пробав да излезам оттаму и успеав.
Патниците што седеа на спротивната страна не би можеле да излезат бидејќи таа страна беше до ѕидот (од зградата)“.
Британецот откри и дека во авионот имало пожар додека бил внатре, а експлозијата се случила откако успеал да излезе.
