Инфлуенсерка плаче пред седиштето на ТикТок, по банирањето на профилот: Натера жена да скокне во езеро, избега кога почна да се дави
- Детали
- вторник, 17 јуни 2025
Натали Рејнолдс е контроверзна инфлуенсерка која лани објави видео во кое тера бездомна жена да скокне во езеро за да ѝ даде 20 долари. Жената не знаела да плива, па кога почна да се дави, инфлуенсерката само избега. Сега, ТикТок ѝ го банира профилот со 2,5 милиони следбеници, а таа беше снимена како плаче пред седиштето на социјалната мрежа.

Деновиве вирално се споделува видео од девојка која стои пред зграда, низ солзи зборува на телефон и тропа на влезната врата.
Девојката е Натали Рејнолдс чиј ТикТок профил со 2,5 милиони следбеници беше баниран.
На видеото, таа всушност стои пред влезот на седиштето на ТикТок во Лос Анџелес каде што наводно отишла да моли да ѝ го вратат профилот.
Иако некои шпекулираат дека Натали самата го инсценирала видеото, факт е дека повторно го сврте фокусот кон нејзиното контроверзно однесување.
Па, која е Натали и зошто важи за контроверзна инфлуенсерка?
Натали е 26-годишна инфлуенсерка од Лос Анџелес која се прослави на ТикТок со видеа со танцување.
Потоа почна да снима видеа со практични шеги, а се верува дека профилот ѝ е баниран од страна на ТикТок поради една ваква објава.
Во мај 2024 година, Натали ѝ понуди 20 долари на бездомничка за да скокне во езеро во Остин, Тексас, а целата ситуација ја пренесуваше во живо на ТикТок.
Иако жената ѝ вели дека не знае да плива, Натали сепак ја натера да скокне. Кога жената почна да се дави, Натали само избега.
Жената, за среќа, била спасена, но инцидентот привлече многу внимание и се претпоставува дека ова е причина за банирањето на профилот на Натали.
Сепак, зад себе таа има и други контроверзии и на други социјални мрежи, како Јутјуб и Kick.
Во 2023-та, на пренос во живо на социјалната мрежа Kick, Натали отиде во теретана со нацртани хеланки. Односно, носеше само долна облека, додека нозете ѝ беа нацртани како да носи хеланки.
Во видеото, еден од мажите кои вежбаат пробува да ја избрка бидејќи е речиси гола, а во коментари многумина ја зазедоа неговата страна и ја критикуваа инфлуенсерката.
Потоа, на почетокот од 2024 година, повторно во пренос во живо, Натали се снимаше како лови вепар. Го бркаше животното и, на крај, го уби со копје.
Видеото беше ништо помалку од вознемирувачко и Натали повторно се соочи со критики дека претерува.
Набрзо потоа, таа објави и видео на кое лови крокодил, по што беше банирана од социјалната мрежа Kick.
Забраната на оваа социјална мрежа не ѝ беше доволна, па продолжи со контроверзните објави на ТикТок, а сега е банирана и таму.
Од ТикТок немаат дадено образложение за банирањето, но најверојатно е поради видеото со бездомната жена, како и историјата со контроверзни објави на другите социјални мрежи.
Што се однесува до новото вирално видео на кое моли пред седиштето на ТикТок, јавноста коментира дека не заслужува да ѝ го вратат профилот:
„Конечно ТикТок да направи нешто правилно“.
„А, зошто не е во затвор? Не заслужува само забрана за ТикТок, треба да биде и зад решетки“.
„Плаче пред канцелариите на ТикТок? Можеби сега ќе сфати дека она што го прави има последици“.
Прочитајте и: Најбизарните работи што ги направиле познати инфлуенсери (за лајкови и гледаност)
Спирова С. | Црнобело
