„Наседнав на онлајн измама и изгубив 200 евра – мислев дека ми пишува Џенифер Анистон, ми кажа дека ме сака“
- Детали
- четврток, 03 јули 2025
Маж од Британија вели дека бил бомбардиран со пораки од лажни профили кои му праќале видеа и фотки од славни личности направени со вештачката интелигенција. Еден ваков профил, кој се претставувал како Џенифер Анистон, му делувал премногу убедливо, па наседнал на измамата и изгубил околу 200 евра.

Онлајн изматите стануваат сè почести, но и се „попаметни“ благодарение на развојот на вештачката интелигенција.
Секој кој малку знае да ја користи технологијата, лесно може да лажира цел идентитет и да наведе некој да му даде пари или да му ги каже своите лични податоци.
Во ваква ситуација се нашол 43-годишен Британец, кој решил да го сподели своето искуство за Daily Mail, со надеж дека ќе ја зголеми свесноста кај другите.

Пол Дејвис бил жртва на измама со таканаречени дипфеејк (deepfake) видеа кои се прават со помош на вештачка интелигенција и изгледаат многу реалистично – нешто како лажното видео со Игор Џамбазов од неодамна.
Британецот вели дека бил бомбардиран со вакви видеа од лажни профили на славни личности.

Добивал видеа, но и фотографии од лажен профил кој се претставувал како Џенифер Анистон, а наседнал токму на оваа измама и изгубил 200 фунти (околу 230 евра).
„Добивав лажни видеа од Џенифер Анистон која ми бараше 200 фунти и ми кажуваше дека ме сака“.
Пол поверувал дека навистина комуницира со актерката, па кога му побарала онлајн ваучер од Apple, решил да ѝ купи.
На скриншотите од нивниот разговор, се гледа дека Пол добивал и фотографии од „Џенифер Анистон“ на кои му праќа бакнежи.

Во еден разговор тој добил и фотографија од лична карта која изгледа како да е на Џенифер Анистон.

Покрај Џенифер Анистон, Британецот добивал и пораки од луѓе кои се претставувале како Марк Закерберг и Илон Маск и кои пробувале да го убедат дека добил „специјална награда“.
„Честитки, мојата датабаза те избра како еден од среќните победници на мојата Фејсбук страница и добиваш парична награда од 300.000 долари. Те молам дај ми го твојот телефонски број и адресата каде што ќе ти бидат доставени парите“, гласи една од пораките што ги добил Пол, од профил потпишан како Џенифер Анистон.

Во едно од видеата, се гледал и Закерберг како му зборува и го убедува дека не е лага, туку дека навистина зборува со основачот на Фејсбук.
„Ова се случува веќе пет месеци. Мислев дека некој ги казнува овие луѓе, но тие само си се смеат и поминуваат без последици“.

Британецот додава и дека негови познаници наседнале на слични измами – еден пријател изгубил речиси 1.000 евра откако лажен профил го убедил да му купи ваучер од Apple.
Пол добивал и фотографии од Џенифер Анистон на која таа држи натпис дека го сака.
За Daily Mail, д-р Џенифер Вилијамс, која е експерт за вештачка интелигенција, вели дека ваквите измами постојат одамна, но дека со новата технологија стануваат подобри и потешки за забележување.
„Измамниците ставаат детали, како името на жртвата, во модел на вештачката интелигенција за да генерираат слика и ја средуваат додека не изгледа убедливо.
Некогаш целта е да допрат до домашната адреса на жртвата кажувајќи лаги, како награди. Штом ќе ја стекнат довербата на жртвата, измамниците неретко бараат од неа да им купи онлајн ваучер (на пример од Apple)“.

Д-р Вилијамс истакнува дека можат да се препознаат овие измами ако се обрне внимание на некои ситници, како фотографии со лош квалитет или фрази како „не се плаши“, „навистина сум јас“ и слично.
Таа вели да се обрне внимание и на текстот, доколку на фотографијата има личност која држи натпис – тој ќе делува „неприродно“ и може да биде со полош квалитет од самата фотографија.
Прочитајте и: Измамник изнудил 800.000 евра од Французинка – ја лажел дека е Бред Пит и дека му требаат пари за операција
Спирова С. | Црнобело