„Ги отпишавме децата од училиште за да патуваме низ светот – нè критикуваат, но овој начин на живот не е за секого“
- Детали
- недела, 06 јули 2025
Пар од САД одлучил да го прекине формалното образование на своите деца за време на пандемијата, а потоа решиле сите заедно да тргнат на пат низ светот. Досега имаат посетено 40 земји, а за критиките велат дека пробуваат да ги игнорираат.

Ако сте како повеќето, сигурно барем еднаш во животот сте помислиле да оставите сè и да тргнете на патување низ светот.
Додека за некои ова е само недостижен сон, постојат и луѓе кои навистина го реализираат. Но, кога во игра се и мали деца, ваквиот начин на живот може да биде проблематичен.
Сепак, за Дијана Блинкс и нејзиниот сопруг од САД ова не претставува проблем – откако ги отпишале ќерките од училиште, решиле да тргнат на пат околу светот.

Дијана и сопругот Скот имаат три ќерки на возраст од 12, 11 и 9 години, а тргнале на патување околу светот во 2022-ра.
Своето патување го документираат на Инстаграм, но се соочуваат со критики поради образованието на децата.
„Патуваме низ светот и нашите девојчиња добиваат поразлично образование. Сакавме заедно да го видиме целиот свет“, вели 41-годишната Дијана.

Таа вели дека на ќерките не им недостасува формално образование бидејќи го добиваат „од прва рака“ – учеле за грчката митологија на Акропол во Атина, за морскиот свет на брегот на Хрватска, но и за традиционалните шпански танци во Шпанија.

Досега имаат посетено над 40 земји, но Дијана вели дека порано не ни помислувала дека ќе има ваков живот.
„Никогаш не мислев дека јас ќе ги образувам моите деца бидејќи немам искуство во образованието.
Но, кога ги добивме ќерките, со сопругот помисливме дека образовниот систем не е во склад со она што сакаме да го научат“.

Како многу родители во САД, Дијана и Скот почнале дома да ги образуваат децата за време на пандемијата, во 2020-та. И, тој период почнале да размислуваат да почнат и да патуваат низ целиот свет.
„Децата секако веќе беа отпишани од училиште, а Скот беше подготвен да ја напушти својата професија во корпоративниот свет“.

Најпрво, тие ги посетиле Костарика и Мексико, а во првата година како номади, успеале да видат дури 20 земји. Во 20230-та, патувале низ Азија и ги посетиле Виетнам, Тајланд и Бали, а потоа поминале три месеци во Португалија.
И, сметаат дека нивните деца ќе научат многу повеќе ако лично ги искусат сите култури.

Иако на објавите делуваат пресреќно, во коментари, многу следбеници ги критикуваат дека претставуваат нереалистичен начин на живот.
Некои истакнуваат и дека на оваа возраст, на нивните деца им треба да се на едно место, каде што ќе можат да стекнат значајни пријателства, но и соодветно образование.
„Од каде наоѓате пари за овој начин на живот?“
„Преку глава ми е од ваквите содржини на Инстаграм. Ми се допаѓа идејата да патувате низ светот со децата… Но, ова што го прикажувате е нереалистично. Каде е плачењето? Каде се тешките денови? Продавате фантазија“.
„Треба да напомните дека имате многу пари. Овој начин на живот е недостижен за повеќето“.

Сепак, Дијана вели дека пробува да ги игнорира ваквите коментари.
„Добиваме критики онлајн, но пробувам да не им обрнувам внимание. Овој начин на живот не е за секого“.
