Загина мажот кој пред 12 години скокна од работ на вселената: Со параглајдер паднал врз жена, откако имал срцев застој
- Детали
- петок, 18 јули 2025
Феликс Баумгартнер, попознат како мажот кој скокна од работ на вселената, вчера трагично го загуби животот откако наводно доживеал срцев застој за време на лет со параглајдер. Само неколку часа претходно, Феликс објави видео на кое го покажува својот параглајдер, но и фотка со коментар дека е многу ветровито.

Феликс Баумгартнер стана светски познат откако во 2012 година со падобран скокна од „работ на вселената“.
Авантуристот се искачи до стратосферата со помош на балон со хелиум, пред да скокне од висина од 38.696 метри, со што го сруши светскиот рекорд.
Но, вчера (17.07), Феликс трагично го загуби животот за време на лет со параглајдер.
56-годишниот Австриец летал со параглајдер во Порто Сант Елпидиово во Италија, а според последните информации, изгубил свест за време на летот, по што паднал.
Италијанските медиуми пренесуваат дека Феликс не се чувствувал добро уште пред да полета и се претпоставува дека доживеал инфаркт или срцев застој додека летал.
Откако изгубил свест, паднал на земјата, во близина на базен во област за кампување.
Во целата трагедија настрадала и жена која била вработена во кампот – Феликс удрил во неа. Жената веднаш била пренесена во болница, но за среќа била надвор од животна опасност.
Наводно, кога Феликс паднал, во базенот имало луѓе и деца, па „за влакно“ била избегната уште поголема трагедија.
Веднаш по падот, на Феликс му била укажана прва помош, но безуспешно. Била повикана и брза помош, но Феликс бил прогласен за мртов на самото место.
Некои медиуми пренесуваат дека Феликс веќе бил мртов пред да падне на земјата, но официјалната причина за смртта уште не е споделена со јавноста.
Феликс бил во Италија на одмор со сопруга Михаела, која била во непосредна близина кога се случила трагедијата.
Не е познато дали Феликс имал некаков здравствен проблем, но кратко пред да загине, тој објави видео на Инстаграм на кое покажува како го средува моторот на неговиот параглајдер. Има и кратка сцена додека лета со параглајдерот.
Тој сподели и фотка на Инстаграм Стори каде во кадарот „ѕирка“ моторот од неговиот параглајдер. На фотката, пак, пишува дека е премногу ветровито.
Впрочем, сите објави на Феликс од изминатата недела се со фокус на летање со параглајдер.