„Полицијата не можеше да го фати убиецот и силувачот на тетка ми – го заведов на Фејсбук и сега е зад решетки“
Во наредните неколку денови, Лехан ја продолжила комуникацијата со убиецот, лажејќи го дека е заинтересиран за него.
„Сфатив дека ќе мора да измислам цела приказна за личноста што ја глумев. Му кажав дека сум млада стјуардеса од Гана.
По некое време, ми рече да направиме видеоповик, но знаев дека така ќе сфати дека го лажам. Но, од друга страна, знаев дека ако го одбијам, може да ја прекине комуникацијата со мене“.
Лехан успеала да го дознае телефонскиот број на градинарот, а ѝ кажал и дека работел како електричар во Јоханесбург.
Па, ги контактирала детективите од Јужна Африка и им кажала што знае. Но, тие не успеале да го лоцираат преку телефонот бидејќи му бил исклучен.
„Бев гневна и разочарана. Пробав пак да го контактирам убиецот, но не добив одговор. Неколку денови подоцна, ми напиша порака и ми кажа дека телефонот му бил украден.
Ми беше чудно што ова се случило токму кога полицијата пробуваше да го лоцира“, раскажува Лехан.
Таа вели дека размениле неколку пораки и тогаш убиецот ѝ кажал дека се сомнева во нејзината приказна.
Лехан им го дала лажниот Фејсбук профил на детективите во Јужна Африка, но убиецот почнал да се сомнева уште повеќе и прекинал секаков контакт.
Скоро две години, Лехан не знаела ништо за убиецот, сè до шестата годишнина од убиството на тетка ѝ. Тогаш, во 2020-та, убиецот објавил фотографија од забавен парк во Јоханесбург.
Детективите ѝ рекле на Лехан никогаш да не споделува фотографија до убиецот јавно бидејќи може да ѝ наштети на истрагата, но тогаш таа решила да не ги слуша.
„Си помислив дека случајот секако им е заборавен, а потоа ја видов неговата фотографија на Фејсбук, како си ужива. Па, си реков дека нема што да изгубам“.
На својот личен Фејсбук профил, Лехан ја споделила фотографијата од убиецот, опишувајќи што ѝ направил на тетка ѝ.
„Денес, пред шест години, овој маж ја силуваше и уби мојата тетка Кристин Робинсон. Тој е на слобода и си ужива во својот живот, откако ѝ го одзеде животот на тетка ми“, гласел дел од описот.
Објавата станала вирална и ја споделиле над 70.000 луѓе, па така стигнала и до жена од Јоханесбург – Мелиса Ле Хани.
И, Мелиса веднаш го препознала мажот – работел како градинар кај неа и нејзиното семејство.
„Не можев да верувам дека е тој. Го оставав сам со децата“.
Вестите допреле до надлежните и убиецот конечно бил уапсен.
„Кога го уапсија, се тресев бидејќи не ми се веруваше“, вели Лехан.
Две години подоцна, во 2024-та, убиецот добил две доживотни казни затвор. Лехан, пак, вели дека целото искуство ја научило никогаш да не се откажува и никогаш да не губи надеж.
Спирова С. | Црнобело