Бизарен тренд во Кина: Возрасни користат бебешки цуцли за да се справат со стресот, лекари апелираат за опасностите
- Детали
- понеделник, 11 август 2025
Покрај вообичаените активности за справување со стресот како вежбање јога и прошетка во природа, во Кина почнале да се прославуваат бебешките цуцли. Но, додека оние кои ги користа велат дека им помагаат, лекарите апелираат дека оваа навика може да ги искриви забите и да предизвика низа проблеми со оралното здравје.

Со стресот што нè прогонува секојдневно, сите бараме начин барем малку да се смириме и релаксираме.
Вежбањето јога, прошетките во природа и гледањето филмови и серии се некои од омилените активности за релаксација и справување со стресот.
Но, луѓето во Кина отишле чекор понатаму и почнале да практикуваат нешто несекојдневно, па и бизарно.
Како што пренесува South China Morning Post (SCMP), еден од популарните трендови меѓу возрасните е користењето бебешки цуцли за справување со стресот, но и несоницата.
Низа онлајн продавници низ Кина забележале зголемена продажба на бебешките цуцли, но и самите почнале да ги рекламираат како „алатка за справување со стрес“.
Според SCMP, некои продавници продавале и над илјада цуцли месечно, а и купувачите биле мошне задоволни, барем според нивните рецензии на производите:
„Цуцлата е квалитетна и мека. Не ми пречи во дишењето“.
„Цуцлите се неверојатни – ми помогнаа да ги оставам цигарите. Ми дават и психичка поддршка и ми ја намалуваат желбата за цигари“.
„Кога сум под стрес на работа, си ја користам цуцлата. Како да ја чувствувам безбедноста што ја чувствував во детството“.
Бизарниот тренд стигна и до ТикТок, по што почнаа да се огласуваат и заболекари кои предупредуваат за опасноста од користењето цуцли како возрасни личности.
Според лекар цитиран од SCMP, честото користење цуцла може да ги искриви забите, да го отежни отворањето на устата, па и да почне да создава болка при џвакање.
„Продавниците што ги продаваат цуцлите намерно не ги споделуваат потенцијалните опасности. Ако возрасна личност користи цуцла повеќе од три часа дневно, за една година ќе му се искриват и забите“, додава докторот.

Тој вели дека ако некој заспие со цуцла, секогаш постои опасност да ја голтне и да се задуши.
За SCMP се огласил и психолог кој вели дека возрасните кои користат цуцли веројатно имаат незадоволени емоционални потреби и бараат утеха во предмет што ги „враќа“ во детството.
„Во овој случај, решението не е да се однесуваат како деца, туку да се соочат со нивните предизвици“, истакнува психологот.
Во коментари на видеата што се споделуваат на ТикТок, и возрасни од други држави велат дека користеле цуцли за намалување на стресот.
„И јас користам цуцла. Имам АДХД и ми помага со симптомите“/
„Срам ми е да кажам, но користам цуцла 23 години, целиот живот!“
Сепак, факт е дека цуцлите не се алатка за возрасни – дури и на родителите им се советува да почнат да ги одвикнуваат децата откако ќе наполнат една година.
Причината е тоа што цуцлата може да има влијание врз оралното здравје, односно да ги искриви забите, но и да ја деформира вилицата.
Спирова С. | Црнобело