Убави вести од 2025-та кои поминаа незабележано: Во Хелсинки немало ниту една жртва во сообраќајка
- Детали
- петок, 09 јануари 2026
Озонската дупка „се затвора“ многу побрзо од прогнозите на експертите, а во период од 12 месеци, во Хелсинки не загинала ниту една личност во сообраќајка.

Факт е дека негативните вести се шират многу побрзо, но и како да се поприсутни насекаде.
Во текот на денот е многу поверојатно да видите вест за војна, сообраќајка, убиство или нешто слично, отколку за нешто убаво.
Но, само затоа што сме бомбардирани со негативни вести, не значи дека во светот не се случуваат и убави работи.
Неколку позитивни вети од 2025-та кои можеби не допреле до вас:
Озонската обвивка се регенерира побрзо од очекувањето
Озонската обвивка делува како заштита од ултравиолетовата радијација од сонцето.
Во 1985 година, беше откриено дека над Антарктикот има дупка во озонската обвивка предизвикана од загадувањето со разни хемикалии.
Оваа појава со години создава загриженост бидејќи доколку озонската обвивка ослаби или дупката се прошири, ризикот од здравствени проблеми како рак на кожата ќе биде драстично зголемен.
Со текот на времето, експертите забележаа дека озонската дупка сепак почнува да се „затвора“, а истражување од страна на MIT од минатата година потврди дека ова затворање се одвива и многу побрзо од очекуваното.
Што значи, има големи шанси озонската обвивка целосно да се регенерира за многу пократок период.
Буркина Фасо активно води борба против дефорестацијата
Сечењето на шумите, односно дефорестацијата, е сериозен проблем во многу држави кој со себе носи безброј ризици.
Голем дел од земјите ширум светот пробуваат да се справат со овој проблем, така што ги прогласуваат шумските предели за заштитени подрачја.
Некои се обидуваат и да садат што е можно поголем број дрвја за со текот на времето да се обноват исечените шуми. Една од овие земји е Буркина Фасо.
Во 2025 во земјата беше започната кампања во чиј склоп надлежните сакаа да посадат 20 милиони дрвја.
Најголемата акција беше организирана на Денот на дрвото, кога низ Буркина Фасо беа посадени милиони дрвја во еден ден.
Не е познато до која бројка се стигнати денес, но властите имаат план да пошумат неколку милиони хектари до 2030-та.