Моќна лекција за жените од Мишел Обама: „Не мора да имате сè сега, животот е долг и има поглавја“ (видео)
- Детали
- четврток, 18 декември 2025
„Невозможно е да имате сè сега, престанете со тоа. Што е тоа нетрпение и чувство дека мора да ја имате совршената работа, да бидете најдобра мајка, со супер тело... Животот е долг, и во него има поглавја, не пропушташ ништо ако не направиш сè одеднаш“ - Мишел Обама одржа лекција дека секое поглавје од животот е посебно и треба да се ужива, без форсирање.

Ема Грид е една од најбогатите американски жени кои сами го стекнале богатството, таа е претприемач и инвеститор, а води подкаст во кој гостуваат големи умови.
Нејзините гости зборуваат за нивните филозофии, мудрости, даваат кариерни совети и стратегии, а во последната епизода, таа споделува 5 лекции кои ги научила од нејзините гости.
Една од нив беше и поранешната прва дама Мишел Обама, со нејзината лекција дека во животот постојат фази и поглавја, па дека не мора сè да се постигне одеднаш во исто време.
На прашањето, како е да се балансира помеѓу сопруга на лидер на светот, мајка, кој е советот од свое искуство, како се успева сè, Мишел дава моќен одговор, според својата филозофија:
„Ова сум го кажувала многупати, невозможно е да имате сè, па престанете со тоа, пред сè. Можете да имате сè, но во одреден временски период.
Но не го разбирам ова нетрпение и чувство дека морам да ја имам точната работа и сакам да бидам најдобра мајка и да изгледам најдобро и да бидам во најдобра форма и да бидам емоционално свесна бла бла бла и бракот мора да ми биде како што треба…
Не, не мора, не можеш да го направиш сето тоа. Има отстапки. И во ред е.
Знаете, ако сме благословени и можеме да се грижиме за самите себе емоционално и физички, животот е долг. И во него може да имаш поглавја.
И не пропушташ ниту губиш нешто затоа што не си ја прочитал цела книга во едно седнување.
Секое поглавје може да биде навистина посебно“ - вели таа во извадокот од видеото.
Во продолжение Мишел вели:
„Кога моите деца беа мали и бев на некој начин подготвена да се посветам на кариерата, но Барак беше сенатор, па се кандидираше за Конгрес, па изгуби, па беше Сенатор на САД, тој беше многу повеќе отсутен отколку што беше дома.
Дојдов до период кога реков, не можам да бидам на највисоката точка од мојот кариерен живот. Па ја напуштив невладината организација што ја водев, иако уживав да го правам тоа.
Не ми беше сеедно, но бев среќна затоа што си ги сакав девојчињата и уживав во времето што го поминував со нив, па бев во мир со одлуката, затоа што беше вистинска одлука и најдобро за нив, но и за мене во тој период кога ми требаше баланс.
И си велам, го направив сето тоа, но ете сепак тоа не ми го прекина растот, се вратив потоа и имав високи позиции на Универзитетот Чикаго додека девојчињата растеа.
И низ искуствата со работните позиции научив дека не сакам да бидам помалку платена, туку за себе испреговарав флексибилност, да земам полна плата, но да имам флексибилно време, да си ги земам децата од училиште, да одам на претстави, можеби да не сум на работа во петок, но ќе си ја сработам мојата работа и ќе бидам тука кога ќе треба“.
Погледнете го целосно видеото (делот со Мишел почнува од 6:18):
M. M. | Црнобело
