По самоубиството на тинејџер, уште една трагедија поврзана со ChatGPT: Маж со параноја си ја убил мајката, па себеси
- Детали
- четврток, 04 септември 2025
Американец кој пред 20-тина години бил менаџер во Yahoo, бил убеден дека мајка му кова заговор против него. ChatGPT ја хранел неговата параноја, па на крај мажот ја убил мајка си и извршил самоубиство. Од OpenAI најавија дека ќе ги подобрат безбедносните мерки.

По трагедијата во која тинејџер изврши самоубиство бидејќи, според неговите родители, бил охрабрен од ChatGPT, Open AI – компанијата која стои зад четботот – сподели дека ќе ги заострува безбедносните мерки.
Мината недела, родителите на 16-годишниот Адам Рејн од САД поднесоа тужба против OpenAI во која наведуваат дека ChatGPT го охрабрил нивниот син да изврши самоубиство.
Трагедијата се случила во април годинава, а родителите велат дека нивниот син добивал инструкции од ChatGPT за како да го изврши самоубиството.
„Иако четботот знаел за обидот за самоубиство на Адам и тој кажал дека ќе го изврши ’деновиве‘, ChatGPT ниту ја прекинал сесијата, ниту активирал некаков протокол за итни случаи“, стои во тужбата.
Таткото на починатиот тинејџер вели дека син му прво го користел четботот како помош за домашните задачи.
„Ова е многу помоќно и пострашно нешто отколку што мислевме, но син ми го користел на начин кој не мислев дека е возможен. Мислам дека повеќето родители не ја знаат способноста на оваа алатка“, вели тој.
Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, изјави дека ќе направат промени во четботот за подобро да се справува со „чувствителни ситуации“, вклучувајќи и самоубиство.
Од компанијата изјавија и дека родителите на тинејџерите што го користат четботот ќе добиваат нотификација ако ChatGPT воочи дека нивното дете покажува знаци на вознемиреност.
Во меѓувреме, се појави уште една трагедија наводно поттикната од ChatGPT – поранешен менаџер во Yahoo ја убил мајка си, а потоа и самиот себеси.
Според The Wall Street Journal, 56-годишниот Штајн-Ерик Соелберг со месеци комуницирал со четботот кој, пак, ја потхранувал неговата параноја дека мајка му кова заговор против него.
Наводно, четботот дури му давал и идеи за тоа како да ја измами неговата 83-годишна мајка, а имало и ситуации кога самиот му предложувал луди теории на заговор против неа.
Штајн-Ерик работел за Yahoo пред 20-тина години и според она што му го пишувал на ChatGPT имал проблеми со менталното здравје.
Живеел со неговата мајка, а двајцата биле пронајдени мртви на 5-ти август.
Тој го нарекувал четботот „Боби“ и во период од неколку месеци, како да изградил токсична врска со него.
Неколкупати тој објавувал и видеа од разговорите со ChatGPT на Инстаграм и Јутјуб, според кои четботот го убедувал дека не полудува и дека неговите сомнежи кон мајка му се оправдани.