Уапсен осомничениот за атентатот на Чарли Кирк: Има 22 години, татко му го пријавил во полиција
- Детали
- петок, 12 септември 2025
Гувернерот на Јута откри дека го уапсиле осомничениот за убиството на политичкиот активист Чарли Кирк. Станува збор за 22-годишниот Тајлер Робинсон кој се доверил за убиството на член на семејството, најверојатно неговиот татко.

Помалку од 40 часа по атентатот на политичкиот активист Чарли Кирк, надлежните открија дека го уапсиле главниот осомничен.
На прес-конференција која се одржа денес во Јута, беше споделено дека името на наводниот убиец е Тајлер Робинсон.

Пред конференцијата, и претседателот Доналд Трамп најави дека најверојатно го нашле сторителот.
„Мислам дека, со голема сигурност, дека го имаме во притвор“.

Тој изјави и дека таткото на 22-годишниот дечко бил тој што помогнал во апсењето.
Гувернерот на Јута откри дека Тајлер се доверил за убиството на член на неговот семејство кој, пак, се јавил во полиција. Се претпоставува дека гувернерот зборува за неговиот татко.

Досега надлежните направиле над 200 интервјуа, а уште вчера го нашле оружјето со кое мислат дека е извршен атентатот.
Што се однесува до убиецот, CNN пренесува дека пред убиството, тој зборувал дека сака да најде огнено оружје, додека според некои извори, изминатиов период неговите ставови станувале сè поекстремистички.

Надлежните соопштија дека најверојатно делувал сам.
„Но, истрагата уште трае. Во овој момент, немаме информација која би водела до дополнителни апсења“, беше изјавено на прес-конференцијата.

За потсетување, Чарли Кирк беше убиен во средата (10.09) на универзитетски кампус во Јута каде што имаше своја презентација.
Тој беше застрелан во вратот и бидејќи беше единствената таргетирана личност на настанот, стана јасно дека во прашање е атентат.

Иако беше хоспитализиран, 31-годишниот активист им подлегна на повредите. Зад себе ја остави сопругата Ерика и нивните две мали деца.
Прочитајте повеќе: Како да ја претчувствувала неговата смрт - први снимки од вдовицата на Чарли Кирк по атентатот
Спирова С. | Црнобело