13-годишно девојче е жртвата најдена во автомобилот на млад музичар - Што знаеме за случајот што ја потресе Америка?
- Детали
- петок, 19 септември 2025
13-годишната Селест Ривас Хернандез беше пријавена за исчезната во април 2024, а една и пол година подоцна, полицијата го пронајде нејзиното тело во багажникот од напуштен автомобил на младиот американски рокер и аренби музичар D4dv. Што знаеме за грозоморниот случај?

На 16 септември, полицијата во Лос Анџелес откри дека една недела претходно, на плац за стари возила, во автомобил Тесла, пронашле тело кое е идентификувано како исчезната Селест Ривас Хернандез.
Тие добиле дојава дека од еден од паркираните автомобили се шири неподнослива реа, а кога полицијата дошла на местото, при проверка на автомобилот, нашле телото ставено во кеса, скриено во предниот багажник, во поодмината фаза на распаѓање.
Поради ова на полицијата ѝ требало подолго време да утврди за кого станува збор.

Селест е пријавена за исчезната на 5 април 2024 во областа Риверсајд, на околу 100km од местото каде што е пронајдено телото.
Во времето на исчезнувањето таа имала 13 години.
Некои медиуми пишуваат дека станува збор за 15-годишна девојка, но додека не се утврди времето на смртта, не е сигурно колку долго по исчезнувањето таа била жива.

Автомобилот, пак, е во сопственост на 20-годишниот музичар Дејвид Ентони Бурк, познат под уметничкото име D4dv.
Тој во моментов е на американска турнеја, и според пишувањата на медиумите, соработува со полицијата, но сепак ја продолжува турнејата и настапува, а поради грозоморниот случај откажал само еден настап.
Тој наводно рекол дека долго време не знаел каде му е автомобилот и отфрлил секаква поврзаност со исчезнувањето на девојчето и нејзината смрт, иако јавно не дал изјава.

Неговата песна Romantic Homicide (Романтично убиство), од 2022-ра повторно почнува да се пребарува на стриминг платформите, а дел од стиховите се морбидни и гласат: „Во мојот ум, јас те убив и не зажалив“.
Поради ова во јавноста почнаа да кружат приказни дека раперот е на некој начин вклучен во смртта на тинејџерката.
Полицијата засега нема официјално соопштение за тоа која е причината за смртта на тинејџерката, под кои околности нејзиното тело завршило во багажникот, ниту пред колку време настапила смртта.
Исто така, засека никој не е уапсен во однос на случајот.

А. Ј. | Црнобело