Пет Италијанци загинале во подводна пештера на Малдиви – мајка и ќерка нуркале заедно, веројатно имале труење со кислород
- Детали
- петок, 15 мај 2026
Петте туристи од Италија кои вчера загинаа во подводна пештера во Малдиви, според експерти за нуркање, можеби се здобиле со труење од кислород кое настанува кога се дише кислород додека телото е изложено на голем притисок. Според локалната полиција, ова е можеби најголемата нуркачка несреќа што се случила на Малдиви.

Вчера (14.05) пет туристи загинале на Малдиви додека истражувале подводна пештера.
Според локалните медиуми, нуркачката експедиција почнала наутро, а туристите требало да се вратат на површината околу пладне.
До 13:45 часот по локално време биле пријавени за исчезнати, по што започнала истрага и набрзо нивните мртви тела биле пронајдени.
Исчезнатите нуркачи биле барани со моторни чамци и авион.
„Беше најдено едно тело од петте нуркачи. Телото беше пронајдено во пештера.
Се верува дека преостанатите четворица нуркачи се во истата пештера, која се протега на длабочина од околу 60 метри“, споделија надлежните додека траеше истрагата.
Туристите прво пловеле со луксузната јахта Duke of York, на атолот Вааву. Исчезнале во близина на едно од најпопуларните места за нуркање на атолот.
Веќе се познати и идентитетите на жртвите.
Една од нив е 51-годишната Моника Монтефалконе која била истакнат морски биолог, но и универзитетска професорка на Универзитетот во Џенова.
Моника Монтефалконе
Меѓу загинатите е и нејзината 20-годишна ќерка.
Ќерката на професорката
И останатите три жртви се Италијанци – Муриел Оденино, Џанлука Бенедети и Федерико Гвалтиери.
Муриел и професорката Моника биле колешки на Универзитетот во Џенова.
Набрзо по пронаоѓањето на телата, веста за трагедијата ја потврдија и италијанските власти:
„По несреќа со нуркање, пет Италијанци загинаа на атолот Вааву на Малдивите“.
Муриел Оденино
Засега нема официјална изјава за причината за смртта и наводно случајот уште се истражува.
Сепак, локалната полиција сподели дека ова е најголемата нуркачка трагедија што се случила на Малдивите.
Џанлука Бенедети
Во меѓувреме, споделија дека вчера условите за нуркање не биле најповолни, најмногу бидејќи имало силен ветар.
Според локалните медиуми, некои експерти за нуркање сметаат дека смртта настанала поради таканаречено труење со кислород.
Ова може да се случи кога подолг период се дише кислород додека телото е изложено на висок притисок, како под вода. Во ваква ситуација може да се јави оштетување на ткивата и централниот нервен систем.
Федерико Гвалтиери
За да се избегне труењето со кислород, нуркачите кои одат на поголем и длабочини не дишат чист кислород, туку мешавина од гасови.
Според веб-сајтот на агенцијата што ја поседува јахтата, нивните боци биле полни со мешавина позната како нитрокс – комбинација од азот и кислород.
Инаку, јахтата со која патувале Италијанците нуди луксузни крстарења на Малдивите во траење од една недела, по цена од околу 2.000 евра.
На јахтата имало вкупно четири кабини, целосно опремени со клима уреди и приватни тоалети.
Нуркањето во подводната пештера е една од активностите што им се понудени на гостите на јахтата.
Спирова С. | Црнобело