Застрашувачки видеа: Патници панично скокаат од запален траект во Индонезија – загинале 5 лица
- Детали
- понеделник, 21 јули 2025
Во пожарот што избил вчера на траект во Индонезија животот го загубиле пет лица. Не е познат точниот број на повредени, но покрај патниците, во болница завршиле и неколку рибари кои помагале во спасувањето.

Вчера (20.07) покрај брегот на Индонезија се случи трагедија кога на траект со околу 280 патници избувнал пожар.
Пробувајќи да се спасат, патниците почнале да скокаат од бродот во водата, но некои, за жал, ѝ загинале.
Бродот KM Barcelona патувал од островот Талауд кон градот Манадо, а пожарот избувнал околу 13:30 часот по локално време.
На Твитер се споделуваат и застрашувачки видеа од пожарот, на кои се гледа како патниците, носејќи безбедносни елеци, скокаат од бродот во водата обидувајќи се да се спасат.
Се гледаат и неколку луѓе кои веќе скокнале од бродот и со пливање се оддалечуваат од него.
Од снимките се гледа дека пожарот го зафатил целиот брод, додека патниците очајно чекаат на крајот од палубата и се подготвуваат да скокнат.
Не е познато колку точно луѓе имало на бродот, но се претпоставува дека имало барем 280 патници. Спасувачките екипи извлекле пет тела, а меѓу загинатите имало и бремена жена.
Покрај спасувачките екипи, во евакуацијата помагале и рибари кои биле во близина со своите бродови и чамци.
Тие им помагале на патниците да стигнат до околните острови откако скокнале во водата.
Но, за жал, неколку од нив завршиле со повреди и биле пренесени во болница.
„Пет лица се пријавени за мртви, од кои две допрва треба да бидат идентификувани. Во меѓувреме, 284 лица се евакуирани на безбедно“, гласи официјалната изјава од индонезиската агенција за поморска безбедност.
Засега не е познато што го предизвикало пожарот, но сличните несреќи на Малајскиот архипелаг, во југоисточниот дел на Азија, не се реткост.
Архипелагот го сочинуваат над 17.000 острови, вклучувајќи ги островските држави Индонезија, Филипини, Малезија…
Несреќите, пак, не се така ретки поради непочитување на мерките за безбедност, но и непредвидливите лоши временски услови.
Само во јули, ова е втора поголема несреќа – на почетокот од месецот потона траект на пат кон Бали. Во март, пак, брод со 16 патници потона во близина на Бали при што загина една жена.
Дел од објавите на Твитер за пожарот на траектот:
Спирова С. | Црнобело
