Се пресели во Мексико и заврши во затвор, има шизофренија - Пропаста на руската лизгачка Елена Гуљакова
- Детали
- петок, 24 октомври 2025
На врвот на кариерата со сопругот и тренер се пресели во Мексико, каде што отворија академија за уметничко лизгање. Но по неколкуте идилични години, животот на Елена Гуљакова почна да оди надолу, па денес живее на улица.

Елена Гуљакова беше една од најнадежните руски лизгачки кон крајот на 1990-тите години.
Поради одличната техника и елегантните движења, се натпреваруваше на меѓународно ниво, имаше забележани настапи и кариера, со која, многумина веруваа дека ќе стигне на врвот.
Но, сето тоа се смени кога во 2000 година со сопругот, кој ѝ беше и тренер, Николај Суетов, емигрираа во Мексико.

Како почна пропаста на руската лизгачка ѕвезда?
Кога во 2000-та година остави сè зад себе, и со сопругот се пресели во Монтереј, Мексико, Гуљакова веруваше дека тргнува во подобар живот.
И на почетокот, навистина беше така. Таа и сопругот основаа академија за уметничко лизгање и неколку години тренираа десетици деца и млади лизгачи.
Парот стана ценет поради својата професионалност и посветеност кон спортот кој не е толку чест во Мексико.
Но, работите за Елена тргнаа надолу, кога во 2006 година се разведе од сопругот, а во меѓувреме ја затворија и академијата за лизгање.

Некогашната лизгачка во следниот период како да ја снема од лицето на земјата, за подоцна да се дознае дека таа завршила во затвор.
Причината за ова е вандализам, по што била пренесена во психијатриското одделение на затворот Топо Чико, но подоцна била ослободена зашто немало цврсти докази против неа.
За нештата да бидат уште полоши, на Елена во 2010 година ѝ е дијагностицирана шизофренија и оттогаш се соочува со страшната реалност дека треба да живее на улица.
Наводно, институциите пробале да ѝ помогнат и да ја згрижат, но таа одбивала помош.

Делумно, ова било и затоа што имала јазична бариера - никогаш не го научила јазикот и покрај годините поминати во Мексико.
Елена, пред неколку месеци е забележана на улиците на Тепатлан, како ја турка својата количка со лични предмети, а со неа се и нејзините кучиња за кои се грижи со многу љубов.
Подоцна е фотографирана и како јаде седната на клупа, запуштена и непрепознатлива.
Во објавата на Фејсбук, уште еднаш е нагласено дека таа не сака никаква помош.
А. Ј. | Црнобело
