„Домот ми беше толку расфрлан и валкан, што имав и стаорци – 16 години немав фрлено буквално ништо“
Срамејќи се од состојбата на нејзината куќа, Морган со години немала викнато гости.
„На почетокот не беше толку лошо. На пример, ако ќерка ми славеше роденден, ќе ставев сè во другите соби, ќе ги наполнев до таванот.
Но, потоа ни ќерка ми не можеше да вика другарчиња на гости“.

Морган вели дека проблемот со нередот во домот се појавил од неколку фактори, вклучувајќи ја и дијагнозата со биполарно нарушување.
„Кога бев во средно, изгубив многу пријатели. Ми се чинеше дека преку една недела некој загинуваше во сообраќајка или од предозирање. Живеев во страв дека ќе изгубам и други луѓе, па веројатно затоа почнав опсесивно да чувам предмети од нив.
Баба ми ми беше најдобра пријателка, а кога почина, ја зедов целата нејзина облека. Не можев да ја носам, но не сакав да ја фрлам. Почнав да чувам сè и мислев дека ако фрлам нешто, ќе биде како да сум ја фрлила личноста што ми го дала тоа.
Овој страв продолжи и откако се породив, па почнав да ги чувам сите работи од ќерка ми. Исто така, отсекогаш сум била сиромашна, па мислам дека и тоа беше една од причините зошто не фрлав ништо – од страв дека кога ќе ми требаат, нема да можам да ги купам“.

Очајна за промена, во февруари годинава Морган почнала со темелно чистење.
Добила дополнителен поттик кога сфатила дека нејзината мачка оди во тоалет насекаде, не само во кутијата со песок.
„Откако ќе станев, додека да си легнам, постојано чистев. Изминативе неколку месеци чистев и по 10-15 часа дневно. Почнав да ја средувам облеката и сфатив дека чувам работи од раѓањето на ќерка ми.
Си мислев дека ќерка ми го губи детството поради мене, а јас ја губам неа. Сфатив дека никогаш не сме си играле, бидејќи не ни имало место за тоа“.

Сега Морган вели дека се чувствува како нова личност, а целото свое искуство го сподели и на ТикТок.
Вели дека има уште за чистење, но напредокот е повеќе од очигледен.

Таа се надева дека ќе им биде од помош на други луѓе во слична состојба.
„Ако најдете храброст да си признаете дека имате проблем, а потоа најдете начин да се придвижите напред, ќе добиете многу поддршка.
Срамот со којшто живеете е срам од самите себе, не од другите луѓе.

Спирова С. | Црнобело
