„Домот ми беше толку расфрлан и валкан, што имав и стаорци – 16 години немав фрлено буквално ништо“
- Детали
- недела, 28 септември 2025
„Го чувам секое парче облека што сум го купила или добила, дури и оние што не ги сакам. Имаше периоди кога не можев да ја отворам вратата од бањата од многуте предмети. Со ќерка ми си ги миевме забите во кујната наместо во бањата“.

Многу луѓе имаат навика да чуваат сè и сешто во својот дом – предмети со сентиментална вредност, облека која се надеваат дека некогаш ќе ја облечат, пластични садови кои мислат дека ќе им се најдат…
Впрочем, ова важи за повеќето од нас.
Но, за некои луѓе, чувањето непотребни работи оди до екстреми и почнува да се граничи со ментален проблем.
Во ваква ситуација била Американката Морган Фечер, која во својот дом натрупала толку многу работи, што немала ни услови за живеење.

35-годишната Морган од Колорадо е самохрана мајка која живее во куќа со три спални со својата осумгодишна ќерка.
И, за британскиот The Sun, вели дека не се ни сеќавала кога последен пат спиела на својот кревет поради хаосот во домот.

Со годините, дозволила овој проблем да излезе од контрола до тој степен, што во домот имала и наезда на стаорци.
За среќа, Морган успеала да се справи со проблемот и хаосот во домот, чистејќи по 15 часа дневно.
„Никогаш во животот не сум фрлила нешто. Го чувам секое парче облека што сум го купила или добила, дури и оние што не ги сакам. Имаше периоди кога не можев да ја отворам вратата од бањата од многуте предмети. Со ќерка ми си ги миевме забите во кујната наместо во бањата.
Не можев да го видам ни подот во куќата – имавме како патеки за минување низ целиот хаос. Имаше измет од стаорци во кујната бидејќи имав наезда“.

Во период од 16 години, Морган чувала буквално сè, вклучувајќи и честитки и картички за родендени.
„Како уметник, секогаш мислев дека можам да искористам секој предмет. Дури и да не сум го допрела 10 години, го чував.
Немав гардеробер, па во спалната соба имав планина облека и куп кутии. Бидејќи креветот секогаш ми беше натрупан, спиев на троседот во дневната“.

Таа вели дека многупати пробала да ја среди куќата, но кога ќе го видела хаосот, се обесхрабрувала.
