Трошел 10.000 евра дневно за храна, имал 120 автомобили: Како живееше Никола Саркози, пред да биде осуден?
- Детали
- петок, 26 септември 2025
Откако беше избран за претседател на Франција, Никола Саркози стана познат по раскошниот начин на живот, неретко на сметка на државата. Привлекуваше внимание и со бурниот љубовен живот, особено бракот со третата сопруга Карла Бруни.

Поранешниот француски претседател Никола Саркози добри 5-годишна затворска казна, како и парична казна од 100.000 евра. Причината е незаконското земање огромна сума пари од поранешниот лидер на Либија – Моамер Гадафи.
Тој беше обвинет и за други дела, како корупција, но овие обвиненија беа отфрлени.
Сепак, со пресудата, Саркози стана првиот француски претседател кој завршил за решетки.
Неговиот приватен живот, пак, привлекувал внимание и кај оние кои не биле заинтересирани за светската политика.

Детали за животот на Саркози:
Никола Саркози е роден во Париз, а потекнува од богато семејство.
Неговиот татко бил доселеник од Унгарија, додека мајка му потекнувала од Франција.
Кога Саркози бил дете, неговиот татко отворил агенција за маркетинг, па заработил големо богатство.
Мајка му, пак, веќе потекнувала од богато семејство, па додека Саркози бил дете, живееле во огромна куќа што ја наследила од нејзината баба.

По некое време, тие се преселиле во една од најбогатите области во близина на Париз.
Иако имал удобен живот и не му недостасувале пари, Саркози има изјавено дека се чувствувал инфериорно во однос на неговите соученици.
Истовремено неговите родители се развеле – нешто што било голем срам во тој период.

Иако не се истакнувал многу како ученик или студент, Саркози отсекогаш имал желба да се докаже. Некои веруваат дека ова се должи не само на срамот што го чувствувал во детството, туку и поради неговата висина од 165 сантиметри.
Можеби немал образование како француската политичка елита, но знаел како да го искористи својот шарм, а бил и меѓу првите политичари во Франција кои знаеле како да се претстават на телевизија.
Па, брзо почнал да привлекува внимание како политичар.

Со политичката кариера и конекциите што ги формирал во бизнис сферата, Саркози успеал и да заработи значително богатство.
Се шпекулира и дека дел од богатството го стекнал на нелегален начин.
Во 2007 година, Саркози беше избран за претседател на Франција, почна да заработува многу повеќе и речиси веднаш си го доби прекарот „претседателот блинг блинг“.
„Блинг блинг“ е сленг за раскош – нешто што во коешто Саркози вистински уживал.

Почнал да се вози со приватен авион, во Елисејската палата имал над 120 автомобили, а гостите ги почестувал само со скапи пијалаци.
Додека беше претседател, почнаа да се појавуваат и разни пресметки за неговите трошоци и според некои медиуми, претседателот трошел и над 10.000 евра дневно само за храна.
Можеби најбизарен момент од неговиот мандат беше кога во 2007-ма, годината кога беше избран, во Париз пристигна озлогласениот либиски лидер Гадафи.

Тој стигна во градот со многу лимузини и го закочи сообраќајот, во градината на хотелот на којшто беше сместен намести раскошен шатор, а наводно потоа одел и на лов на земјиштето околу Версајскиот дворец.

Целиот настан предизвика лавина реакции низ Франција, најмногу бидејќи Саркози лично го поканил диктаторот.
Според последната пресуда, сега е потврдено дека Саркози сепак зел пари од Гадафи, иако тој тврди дека сето ова е заговор против него.
Доста внимание привлекуваше и љубовниот живот на Саркози кој моментално е во брак со третата сопруга Карла Бруни.
Најпрво, во 1982-ра, тој се венчал со Мари Доминик Кулиоли. Тие добија два сина, поминаа неколку години разделени и во 1996-та се разведоа.

Потоа Саркози стапи во брак со поранешниот модел Сесилија Атијас.
Нивната врска почнала како афера, а Сесилија се развела од сопругот за да биде со Саркози. Заедно парот доби син.
Во раните 2000-ти, популарноста на Саркози се зголемуваше, па како пар честопати беа забележувани заедно.
Извесен период имаше и шпекулации за афери – дека Сесилија го оставила за друг маж. Поради една ваква шпекулација, Саркози тужеше француски медиум.
Имаше гласини и дека тој има афера со новинарка.

Кога Саркози стана претседател, Сесилија стана прва дама на Франција, но ова траеше релативно кратко бидејќи истата година, тие се разведоа.
Помалку од еден месец подоцна, Саркози ја запозна Карла Бруни, која е 13 години помлада од него.

Веднаш почнаа врска и се венчаа следната година во Елисејската палата.
Иако некои зборуваа дека Карла ќе го напушти штом ќе му заврши мандатот, тие уште се заедно.
Таа дури и верно го придружуваше на судењата и на изрекувањето на казната.
Карла има дете од претходна врска, додека со Саркози добија ќерка.
Спирова С. | Црнобело