„Страдам психички, не сакам да зборувам со никој“: Единствениот преживеан во авионската несреќа во Индија со емотивна изјава
- Детали
- понеделник, 03 ноември 2025
„За мене, по несреќата… многу е тешко. Физички, ментално… Не сакам да зборувам со никој. Размислувам по цела ноќ. Секој ден е болен за нашето семејство“, вели за BBC 39-годишниот Британец кој е единствениот преживеан во авионската несреќа што се случи летово во Индија.

Авионската несреќа во Индија која се случи летово е една од поголемите трагедии со кои се соочила земјата.
Загина 241 лице, а од патниците има само еден преживеан – Вишваш Кумар Рамеш од Британија.
Но, иако почнаа да го нарекуваат „најсреќниот човек во светот“, по трагедијата, животот на Британецот е сè освен среќен.
Во емотивно интервју за BBC, Вишваш открива дека страда од посттрауматско стресно нарушување и бил во толку лоша состојба кога се вратил дома, што не можел да зборува ни со сопругата и неговиот 4-годишен син.
„Јас сум единствениот преживеан. Уште не ми се верува. Вистинско чудо е.
Гo изгубив брат ми, а тој ми беше најголема потпора. Изминативе неколку години, тој постојано ме поддржуваше“, раскажува Вишваш.
„Сега сум сам. Само седам во мојата соба сам, не зборувам со сопругата и син ми. Само сакам да бидам сам“.
Ова е првпат 39-годишниот Вишваш да зборува за медиум по неговото враќање во Англија, а вели дека му е тешко да се присетува на трагедијата.
„За мене, по несреќата… многу е тешко. Физички, ментално… И за моето семејство - мајка ми изминативе четири месеци само седи надвор и не зборува ништо.
Ни јас не зборувам, не сакам да зборувам со никој. Размислувам по цела ноќ. Страдам психички. Секој ден е болен за целото семејство“.
Иако преживеа, Вишваш се соочил со физички повреди на рамото, ногата, коленото и грбот и открива дека по несреќата не може да работи или да вози.
„Кога одам, не одам правилно, туку многу бавно. Ми помага сопругата“.
Правните советници на Вишваш откриваат дека барале средба со надлежните од Air India бидејќи сметаат дека авиокомпанијата не го третирала соодветно.
„Тие се во криза, ментално, физички, финансиски. Трагедијата е ужас за неговото семејство.
Тој што е виновен треба да се сретне со жртвите на овој трагичен настан и да разбере дека нивните потреби треба да бидат задоволени“, велат советниците на Британецот.
Наводно, авиокомпанијата понудила да му исплатила 22.000 евра и тој прифатил, но неговите советници велат дека ова не е доволно.
Вишваш имал бизнис со брат му во Индија, но бидејќи тој загина во несреќата, бизнисот пропаднал. Покрај тоа, поради повредите, Вишваш не е во можност да работи.
Па, останал без приходи, а со зголемени трошоци поради влошеното физичко и ментално здравје.
Од авиокомпанијата, пак, велат дека надлежните во фирмата ги посетуваат семејствата на загинатите и изразуваат сочувство.
Погледнете и: Единствениот преживеан во несреќата во Индија раскажа за трауматичното искуство: „Гледав како луѓето околу мене умираат“
Спирова С. | Црнобело