Исповед на мајка на деца со попреченост, по трагедијата во која родители ги убија двата аутистични сина и се самоубија
- Детали
- петок, 06 февруари 2026
„Откако родители во Австралија си ги убија двете аутистични деца, на возраст од 14 и 16 години, и се самоубија, ќе бидам искрена дека и јас одев по истиот пат и бев многу блиску да ја изберам таа насока, самоубиство, но не го направив тоа. Бев во тој мрачен период пред 5-6 години и сакам да ја споделам мојата приказна“, вели Џо Расел од Австралија, мајка на две деца со попреченост, по трагедијата што го потресе светот.

Џо Расел e мајка на две деца со попреченост, која живее во Австралија и сака другите семејства со деца со ваква дијагноза да знаат дека постои светлина на крајот од тунелот и дека тие ќе го пронајдат својот пат.
Таа ја сподели својата приказна за справувањето со бирократијата и финансиските проблеми, додека се грижи за деца со сложени потреби и за очајниот момент кога размислувала да си го одземе животот.

Оваа поранешна медицинска сестра и застапничка за правата на лицата со попреченост, има три деца и поголемиот дел од животот го поминала во рударскиот град Калгурли-Боулдер, околу 600 километри источно од Перт.
Нејзиниот син Даниел (35) бил дијагностициран со Аспергеров синдром во 1990-тите, синдром кој денес се смета како дел од аутистичниот спектар.

Нејзината ќерка Меган (21) исто така има дијагноза на тешка форма на аутизам и епилепсија.
Во средината на тинејџерските години, Меган често имала агресивни и насилни испади.
Инаку, Џо Расел го има симболот за Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот истетовиран на левата рака.

Оваа исповед следува по неодамнешната трагедија што го потресе светот кога родители си ги убија двата сина со аутизам, а потоа се самоубија.
Тинејџерите Леон и Отис Клун, кои живееле со попреченост, биле пронајдени мртви во својот дом во Перт, Австралија, заедно со нивните родители, Џерод Клун (50) и Мајвенa Гоасду (49).


Емотивната исповед на Џо Расел:
„Ова беше многу тешка седмица… случајот ме погоди длабоко.
Јас одев по истиот пат и бев многу блиску можеби да ја изберам таа насока, самоубиство, но не го направив тоа.
Бев во тој мрачен простор пред пет или шест години и сакам да ја споделам мојата приказна, бидејќи изолацијата кога имаш деца со многу сложени потреби, кога секој ден мораш да се бориш и да се застапуваш за нив и да наоѓаш сила да продолжиш понатаму - тоа е претешко.

Стигнав до точка каде што секоја вечер легнував во кревет молејќи се да не се разбудам следниот ден.
Се будев среде ноќ мислејќи од каде доаѓа врескањето, а немаше врескање - тоа беше врескањето во мојата глава.
Тоа беше одраз на врескањето што траеше цел ден, секој ден. Без поддршката од семејството и пријателите, немаше да издржам толку долго“.