Убиецот (18) бил трансродово лице со сериозни психички проблеми, ја убил мајка си: Детали за масакрот во училиште во Канада
- Детали
- четврток, 12 февруари 2026
Убиецот кој во вторникот уби шест лица и повреди најмалку 25 во училиште во Канада имал сериозни проблеми со менталното здравје. Пред да се упати кон училиштето, ги убил и мајка му и брат му, а мотивот за нападот уште е непознат.

Во вторникот (10.02) Канада се соочи со најсмртоносното пукање во училиште во изминатата деценија – инцидент во кој животот го загубија шест лица, а над 25 биле повредени.
Убиецот, кој е идентификуван како 18-годишно трансродово лице, ја убил неговата мајка (39) и неговиот брат (11) пред да се упати кон училиштето.
Околу 13:30 часот по локално време, полицијата добила повик за пукање во средното училиште во гратчето Tumbler Ridge во Британска Колумбија.
Полицијата успеала да го лоцира убиецот за неколку минути и воочиле дека и тој е мртов од прострелна рана што си ја нанел самиот. Односно, извршил самоубиство.
Гратчето има околу 2.400 жители, додека во училиштето учеле околу 160 ученици.
Познато е дека меѓу убиените е една наставничка, како и три девојчиња и две момчиња на возраст од 13 до 17 години.
Надлежните го открија идентитетот на убиецот – Џеси Ван Рутселар – и споделија дека е роден како машко, но се идентификувал како жена.
Според полицијата, ја почнал транзицијата во женско пред околу шест години.
Убиецот ѝ бил добро познат на полицијата бидејќи имал сериозни проблеми со менталното здравје, а во една пригода го сметале и за личност која треба да биде приведена за да ѝ се направи соодветна процена.
Престанал да оди на училиште пред четири години, односно на 14-годишна возраст.
„Полицијата го има посетено домот на Џеси пред неколку години, кога беше одземено огнено оружје.
Можам да кажам дека подоцна законскиот сопственик на огненото оружје побара да му биде вратено, и му беше вратено“, споделија надлежните.
Оние кои го познавале убиецот за Daily Mail откриваат дека бил „тивко дете“ кое обично се изолирало од другите.
Локалец открива дека ги познавал мајка му и брат му и ги сметал за добри пријатели.
„Нема ниту една личност од нашиот град која не е засегната од ова“, додава тој.
Се огласи и родител на дете кое учело во училиштето, кој вели дека неговата ќерка честопати си играла со сестрата на убиецот.
Неговото дете било во училиштето кога се случил масакрот, но за среќа поминало без повреди.
На социјалните мрежи почнаа да се споделуваат и фотографии од Џеси – на една се гледа со две роденденски торти, а има и фотографија на која држи оружје.
Засега е познато името на само едно повредно лице – 12-годишно девојче кое било застрелано во вратот и главата и, за жал, лекарите немале добра прогноза.
За канадските медиуми се огласи нејзиното семејство.
„Нè предупредија дека оштетувањето на мозокот може да биде преголемо и дека можеби нема да ја издржи ноќта. Ја чувствувам во моето срце.
Ја чувствувам како ми вели дека ќе биде во ред. На нашето малечко му треба чудо“, вели мајката на девојчето.
Таа додава и дека тагува за семејствата на убиените.
„Беше најобичен ден. Скршени сме. Тагувам за сите кои пробуваат да се справат со овој ужасен настан“.
Се огласи и постар ученик кој бил во училиштето кога се случил масакрот.
„Извесен период мислев дека не се случува ништо сериозно. Но, кога луѓето почнаа да трчаат, сфативме дека нешто не е во ред“, вели тој.
Открива дека биле затворени во училницата и цели два часа стравувале за своите животи. На крај, дошла полиција која ги изнела надвор.
Вели дека атмосферата во училницата била многу напната, а уште полошо било што онлајн следеле што се случува.
„Кога почнаа да ми праќаат фотографии, сфатив што навистина се случува.
Фотографиите беа вознемирувачки, имаше крв. Дури во тој миг сфатив колку е сериозно“.
Наставникот кој бил со нив во училницата им рекол да ја забарикадираат вратата со клупи и да размислат дали има начин да излезат на безбедно.
Сепак, останале внатре додека не дошла полицијата.
Според последните извори, надлежните уште не знаат кој е мотивот за масакрот, ниту зошто Џеси ги убил мајка му и брат му.
Спирова С. | Црнобело