Бизарно: Јапонци медитираат во мртовечки ковчези, за „одново да го засакаат животот“
- Детали
- недела, 08 март 2026
Неколку бизниси во Јапонија нудат медитација во мртовечки ковчег. Луѓето можат да избираат помеѓу „обичен“ или ковчег со украсена внатрешност, а може да медитираат во тишина или со тивка музика. Наводно, оваа бизарна техника им помагала да се ослободат од стравот од смрт, но и да се потсетат зошто животот вреди да се живее.

Јапонска фирма за погребални услуги почнала да нуди медитација во мртовечки ковчег. Можеби идејата им била повеќе како шега, но брзо се прославила кај луѓето кои сакале да најдат мир.
Јапонија се соочува со криза со менталното здравје на жителите, а бројот на самоубиства расте.
Па, оваа практика, колку и да звучи бизарно, донекаде е со цел да се зголеми свесноста за менталното здравје.
Во Јапонија веќе неколку бизниси нудат медитации во ковчези, а велат дека ова е особено корисно за луѓе кои сакаат да поминат малку време насамо „за да си ги смират нервите“.
Трендот е толку популарен, што бизнисите веќе нудат и разни ковчези, во зависност од потребите.
Ако, на пример, некој не сака „класичен“ мртовечки ковчег, може да изнајми ковчег со украсена внатрешност кој делува релаксирачки.
Една компанија што прави вакви ковчези вели дека нивната цел е да овозможат „медитативно искуство каде што можете да размислувате за животот додека сте свесни за смртта“.
Обично една сеанса трае 30 минути, а чини десетина евра.
Луѓето може да избираат и дали сакаат да медитираат во отворен или во затворен ковчег, а може да медитираат во тишина или да слушаат тивка медитативна музика.
Дизајнерка на ковчези за медитација од компанијата Grave Tokyo вели дека ваквата медитација им помагала на луѓето да сфатат дека смртта не е толку страшна.
Но, истовремено, целта е да ги потсети зошто животот вреди да се живее, особено ако се соочуваат со суицидни мисли.
„Сум видела многу луѓе кои ја пробале оваа техника за медитација и потоа си ги промениле или се ослободиле од мислите за смртта.
Пред да се одлучат на смрт од која нема назад, сакам да сфатат дека нивната смрт може да биде спречена“.
Оние кои ја пробале медитацијата велат дека си ги промениле ставовите за смртта, но и како да добиле поголема желба за живот.
„Медитацијата во ковчег ми даде можност да размислам за себе и да своите грижи.
Ми помогна да се ослободам од стравот од смрт, но и да почувствувам посилна желба за живот“, изјавила девојка за јапонски медиум.
Па, би пробале ли медитација во мртовечки ковчег?
Спирова С. | Црнобело