Светски познат готвач од Македонија среде скандал – Ги малтретирал вработените, си даде оставка
- Детали
- четврток, 12 март 2026
„Неколку вработени ни кажаа дека кога Реџепи сакал да ги дисциплинира, но во ресторанот имало гости, клекнувал под работните маси во отворената кујна и ги бодел во нозете со неговите прсти или со некој прибор, како виљушка“, пишува во колумна на The New York Times за готвачот Рене Реџепи, основач на данскиот ресторан Noma кој неколкупати е прогласен за најдобар во светот. Таткото на Рене е Албанец од Македонија, а тој голем дел од детството поминал во тетовското село Џепчиште.

Рене Реџепи е реномиран готвач од Данска, чиј татко е Албанец од Македонија.
Голем дел од детството поминал во Џепчиште, село во Тетовско, но сега живее и работи во Данска.
Тој е основач на популарниот дански ресторан Noma кој покрај бројните други награди, има и три Мишелин ѕвезди.
Ресторанот, кој веќе се смета за едно од обележјата на Копенхаген, неколкупати е прогласуван за најдобриот во светот, а за оброк некогаш треба да се одвојат и повеќе од 1.000 евра.
Но, сега Рене Реџепи е во фокусот на јавноста не поради неговиот талент, туку поради многуте обвиненија од страна на неговите (поранешни) вработени.
На 7-ми март, The New York Times објави колумна во која споделува сведоштва од сегашни и поранешни вработени во ресторанот, кои го опишуваат Реџепи како „ѕвер“ кој постојано ги малтретирал.
Во колумната се спомнати неколку инциденти кои наводно се случиле во ресторанот.
Во 2014 година, Реџепи им наредил на сите вработени од кујната да излезат надвор со него.
„Пред него туркаше помошник готвач, млад маж кој пуштил техно-музика (жанрот што Реџепи не го сакал) во кујната…
Реџепи се подбивал со готвачот одново и одново, додека 40 готвачи, во кратки ракави и престилки, го формирале вообичаениот круг околу двајцата мажи.
Ова не било првпат да бидат присилени да учествуваат во јавно понижување, според двајца готвачи кои биле присутни“, пишува на самиот почеток од колумната.
Според готвачите, на крај Реџепи го удрил младиот готвач, па дури и го натерал гласно да каже срамни и понижувачки зборови.
Другите вработени ја набљудувале сцената во тишина, пред Реџепи да им нареди да се вратат назад во кујна.
„Одењето на работа беше како да одиш во војна.
Моравме да се присилуваме да бидеме силни, да не покажуваме страв“, изјавила за The New York Times жена која тогаш работела во ресторанот.
Според оние кои работеле во ресторанот, низ годините имало безброј вакви инциденти, но никој не преземал ништо.
Минатиот месец поранешен вработен на Реџепи се огласи на Инстаграм изјавувајќи дека сведочел на физички и психичко насилство во трите години кога соработувал со неговиот бренд.
Во меѓувреме, новинарите од The New York Times спровеле и своја истрага и интервјуирале 35 поранешни вработени кои им ги потврдиле обвиненијата.