Светски познат готвач од Македонија среде скандал – Ги малтретирал вработените, си даде оставка
„Ни кажаа дека помеѓу 2009 и 2017 година, удрил вработен во лицето, ги бодел со кујнски предмети и ги удирал од ѕидови.
Споделија дека уште се соочуваат со траума од психолошкото малтретирање кое вклучувало заплашување, критикување и јавно исмејување“, стои во колумната.
Притоа, Реџепи им се заканувал дека ќе им ја уништи репутацијата за да не можат да најдат работа во други ресторани, па дури и дека ќе се потруди нивните семејства да бидат депортирани.
Земајќи го предвид неговото огромно влијание, вработените му верувале и молчеле.
Но, ова не е првпат да се зборува за работната атмосфера во ресторанот.
Во 2008 година, во документарецот Noma at Boiling Point има снимка на која се гледа како Реџепи им вреска на готвачите.
Оттогаш неколкупати се има извинето за неговото однесување.
Во 2015 година тој напиша есеј во кој признава дека бил „ѕвер кој ги казнува и малтретира неговите вработени“.
Во 2022-та, пак, даде интервју за The Times of London во кое вели дека жали за своето минато, но истакнува дека никогаш не удрил некој од неговите вработените.
Минатата недела, дал и изјава за The New York Times:
„Иако не ги препознавам сите детали во овие приказни, можам да видам дека доволно од моето минато однесување се одразило на нив, за да разберам дека моите постапки биле штетни за луѓето кои работеле со мене.
За оние кои страдале под мое водство, поради мои лоши процени или мојот гнев, длабоко се извинувам и работам на тоа да се променам“.
Сепак, сведоштвата на поранешните вработени кои се спомнати во колумната се многу посурови од она што го кажува готвачот.
„Неколку вработени ни кажаа дека кога Реџепи сакал да ги дисциплинира, но во ресторанот имало гости, клекнувал под работните маси во отворената кујна и ги бодел во нозете со неговите прсти или со некој прибор, како виљушка.
Еден поранешен готвач, кој побара анонимност од страв, ни кажа дека Реџепи физички го нападнал многупати додека работел во Noma.
30-тина поранешни вработени ни кажаа дека било рутина да бидат удирани од Реџепи, но и постарите готвачи“, пишува во колумната.
Во колумната се наведни и низа други сведоштва, а денес (12.03) готвачот одлучил да поднесе оставка.
Тој самиот ги сподели вестите на Инстаграм Стори:
„Работев на тоа да станам подобар лидер и Noma презеде големи чекори за да ја трансформира културата во период од многу години.
Сфаќам дека овие промени нема да го поправат минатото. Извинувањето не е доволно, преземам целосна одговорност за моите постапки“.
Засега не е познато дали ќе има истрага за обвиненијата на поранешните вработени, ниту што ќе се случи со Рене Реџепи.
Што се однесува до ресторанот тој вели дека го остава во рацете на неговите „извонредни лидери“
Спирова С. | Црнобело