Детали за пукањето во Вашингтон, на настан на кој присуствуваа Доналд и Меланија Трамп (фото+видео)
- Детали
- недела, 26 април 2026
„Седевме еден до друг, Меланија десно од мене, и слушнав врева. Слушнав врева и помислив дека паднал послужавник“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп по пукањето во хотелот Хилтон во Вашингтон на настан каде што присуствуваше државниот врв на САД. Напаѓачот е 31-годишен маж кој веројатно делувал сам, а мотивот за нападот уште не е познат.

Синоќа во 20 часот по локално време, во Вашингтон имаше пукање на настан на кој присуствуваше државниот врв на САД, вклучувајќи ги претседателот Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија.
Настанот се одржувал во хотелот Хилтон во Вашингтон, а првите истрели биле слушнати во 20:35 часот по локално време.
Агентите на тајната служба веднаш реагирале и ги евакуирале Доналд, Меланија и неговите блиски соработници.

Неполн час подоцна, Доналд се огласи на неговата социјална мрежа Truth Social споделувајќи дека напаѓачот бил уапсен. Набрзо потоа сподели дека ќе го напушти хотелот Хилтон поради својата безбедност.
Истата вечер Доналд Трамп одржа прес-конференција од Белата куќа каде што сподели дека според досегашната истрага, напаѓачот веројатно делувал сам.

Тој зборуваше и за реакцијата на Меланија кога ги слушнале истрелите.
„Секогаш е шокантно кога ќе се случи нешто вакво. Седевме еден до друг, првата дама десно од мене и слушнав врева.
Помисливме дека или е послужавник или куршум. Слушнав врева и помислив дека паднал послужавник“.
Претседателот вели дека Меланија веднаш препознала дека тоа е „лош звук“, а додаде дека и двајцата биле исплашени, особено кога ќе се земат предвид неколкуте обиди за атентат против него.
„Првата дама заврши одлична работа. Таа ја сака оваа држава. Но, многупати ми има кажано ’имаш опасна професија‘“.

На видеата и фотографиите што се споделуваат на социјалните мрежи се гледа како присутните во салата пробуваат да се засолнат под масите штом почнува пукањето.
Се гледа и како влегуваат агентите од тајната служба за да се погрижат за безбедноста на политичарите.

„Звукот беше од оружје и некои луѓе брзо го сфатија тоа, но други не. Гледав што се случува.
Меланија беше свесна за она што се случува, мислам дека знаеше“, изјави претседателот, а притоа ја пофали брзата реакција на агентите и полицијата.

По прес-конференцијата на Трамп, неколку медиуми, вклучувајќи ги BBC и CBS го открија идентитетот на напаѓачот – 31-годишниот Кол Томас Ален.
Според некои извори, тој дипломирал на престижниот Калифорниски институт за технологија, а работел како тутор.
Според изјавите на полицијата, тој бил гостин во хотелот Хилтон во Вашингтон, а на себе имал неколку оружја, вклучувајќи пиштоли и ножеви.

Засега не е познат мотивот на нападот, а според BBC, напаѓачот официјално ќе биде обвинет во понеделник.
Трамп откри дека во нападот еден полицаец бил застрелан, но не бил повреден бидејќи носел соодветна заштита.