Татко ѝ тврди дека ја убиле сопругот и свекрвата за миразот, тие негираат: Детали за смртта на позната индиска актерка
„Твиша погрешно го прочитала времето на полетување за нивниот меден месец во Виетнам и го испуштија летот. Самарт ја турнал на аеродромот, но таа решила да го игнорира инцидентот.
Мислеше дека таа е виновна и дека ова е инцидент што нема да се повтори. Но, сите грешевме.
Ова однесување само се влошуваше и продолжи и по нејзината смрт – гледајте како сега нејзината свекрва пробува да ја оцрни во јавност“, додава таткото на актерката.
Самарт ѝ ветувал на Твиша дека ќе се вселат во нов дом и ќе почнат одново, но нејзините родители велат дека зад затворени врати, ситуацијата само се влошувала.
„Самарт беше како камелеон. Ѝ велеше дека секогаш ќе ја поддржува. Нејзината свекрва, Гирибала, имаше лошо однесување.
Ја понижуваше, но претпоставувавме дека разговара така бидејќи беше судијка. Но, сепак се однесуваше како диктатор“.
За индиските медиуми, Гирибала не само што негира каква било вклученост во смртта на Твиша, туку вели дека таа имала сериозни проблеми со менталното здравје и дека користела марихуана.
Родителите на Твиша велат дека покрај малтретирањето што го трпела, свекрвата и сопругот почнале да ја вознемируваат и со барања за мираз.
„Она што е познато во јавност е само мал дел од малтретирањето што го трпеше нашата ќерка. На почетокот не ни беше јасно однесувањето на Гирибала и Самарт.
Денес ниту едно образовано семејство не бара мираз. Но, тие ни бараа да им префрлам акции од мојата компанија, а јас одбив“, открива таткото на актерката.
Нејзините родители откриваат и дека по свадбата, Самарт воопшто не ги контактирал и пробувал да се оддалечи од нив.
И Твиша почнала да се оддалечува дури и од најблиските.
„Престана да комуницира со нејзините пријатели. Многумина мислеа дека можеби е само зафатена. Но, има само две причини зошто некој така се оддалечува – или е многу среќен со новиот живот, или се случило нешто многу лошо.
Ќерка ми спаѓа во втората категорија“, вели татко ѝ.
Родителите тврдат и дека кратко пред да почине, Твиша им рекла дека се чувствувала заглавено.
„Таа ноќ зборуваше со нас и звучеше вознемирено. Ѝ рековме дека ќе ја вратиме дома.
Но, го слушнавме гласот на Самарт во позадина и таа ни спушти. Следно што слушнавме за неа е дека била пронајдена мртва“.
Додека трае истрагата, родителите на Твиша молат полицијата добро да го разгледа случајот бидејќи сакаат да добијат правда за смртта на ќерка им.
Спирова С. | Црнобело