Полицаец од Англија силувал 40 жени додека бил на работа: „Тврдеше дека е недопирлив, ме врзуваше со лисици и ми извади пиштол“
- Детали
- вторник, 17 јануари 2023
Лажно апсел девојки, ги носел во притвор во својот дом и ги силувал – полицаец во Англија во период од 20 години извршил над 70 сексуални напади врз жени. Им се заканувал дека ако го пријават, ќе им подметне докази со кои ќе ги смести во затвор. Негова поранешна девојка излезе со исповед во која открива дека тој тврдел дека се чувствува недопирливо заради својата работа.
Светската јавност е згрозена од приказната за полицаецот од Велика Британија, Дејвид Карик (48) кој во своите 20 години кариера извршил над 70 сексуални напади врз жени, а вкупно силувал 40 жени.
Полицаецот во периодот од 2001-ва до 2021-ва година работел во одделот за заштита на парламентарните и дипломатските претставници, а се чувствувал „недопирливо“ заради својата професија.
Дејвид силувал жени што ги запознавал на социјалните мрежи, а честопати се случувало да изврши „лажно“ апсење на некои од жените и да ги држи во притвор во својот дом, каде сексуално ги злоставувал.
По извршените напади, на жртвите им се заканувал со подметнување докази против нив или им упатувал закани по животот, заради што тие најчесто преплашени со години молчеле и не го пријавувале насилството.
Весникот The Sun ја споделува исповедта на неговата поранешна девојка Рејчел која околу двапати месечно се гледала со него во период од 5 години.
Рејчел не сака да го открие своето презиме, но раскажува дека го запознала Дејвид во 2010-та година на апликации за состанување и вели дека тој се фалел оти е недопирлив додека работи како полицаец.
Рејчел вели дека кога се запознале тој знаел детали за претходниот сексуален напад во кој таа била жртва, што можел да ги дознае само ако внимателно ги истражил нејзините искази во полиција.
Освен што се служел со информациите во полициската база на податоци, Дејвид честопати земал доказни материјали, како накит и дизајнерски чанти од полицијата и се служел со нив во приватниот живот.
„Еднаш го прашав дали се грижи дека ако го фатат може да ја загуби работата. Тој ми рече: ‘Заради мојата работа воопшто не се грижам’.
Рече дека е на толку висока позиција што практично е недопирлив. Секогаш сакаше да се фали дека по цел ден е пред домот на Маргарет Тачер.
Честопати беше задолжен за обезбедување на поранешните премиери и уживаше кога се фалеше со тоа.
Честопати ми праќаше и фотографии додека е на работа и ми изгледаше како навистина да е многу важна личност“ – раскажува Рејчел.
Поранешната девојка на полицаецот тврди дека кога одела кај него дома, најчесто била жртва на понижување и тој ја третирал како потчинета во сексуалните односи. Ја терал да се однесува како проститутка.
„Кога одев во неговиот дом ми велеше да се преправам дека спијам во спалната соба. Кога беше објавена приказната за неговите злосторства сфатив дека сакал да ги симулира страшните искуства“ – вели таа и додава дека честопати за време на сексот користел пиштол, лисици и пендрек.
„Тој имаше сексуален фетиш за да се чувствува моќно над жените. Сакаше жената да биде во таа улога и се однесуваше како сето тоа да е нормално“ – вели таа.
Рејчел тврди дека во тие 5 години додека биле заедно, Дејвид честопати имал напади на љубомора ако таа веднаш не му се јавела кога ја барал на телефон, а се случувало да ѝ признае дека тој ден ја набљудувал од далеку без нејзино знаење.
Инаку, Дејвид Керик за првпат беше уапсен во 2021-ва година, кога една од неговите жртви собра храброст да го пријави, а во февруари 2023се очекува да му биде изречена пресуда, тој ја призна вината за сторените сексуални напади.
Б. С. Б. | Црнобело