„Постои 97% шанси да добијам рак и да умрам, но ова ме научи да го живеам животот со полни гради“

Австралиската комичарка Мишел Брејсер (34) секој ден се соочува со можноста да заболи од рак и да почине. Од рак веќе починал нејзиниот татко, а брзо потоа и нејзиниот брат. По нивната смрт, и на сестра ѝ ѝ дијагностицирале рак, а лекарите ѝ кажале дека и таа има генетски предиспозиции и 97% шанса и самата да добие рак и да почине за неколку години.

tatko-mi-i-brat-mi-pochinaa-od-rak-postoi-97--shansa-i-jas-da-dobijam-tumor-komicharkata-mishel-brajser-namesto-da-zhivee-vo-strav-reshila-sekoj-den-da-uzhiva-vo-zhivotot-01.jpg

Мишел Брејсер се прослави со шоуто „Просечна мачка“ во кое раскажува приказни за себе, татко ѝ, брат ѝ. Таа често вели дека на почетокот не можела да се соочи со страшните прогнози на лекарите.

Но, потоа решила да не му се препушта на стравот од болеста и да ја насочи енергијата кон нешто позитивно.

Таа постојано објавува мотивациони видеа на Инстаграм, а често пишува и колумни за познати светски медиуми, во кои со многу емоции зборува за своите искуства и секојдневните предизвици.

Една од овие колумни, неодамна беше објавена во The Guardian.

„Татко ми почина од рак, а потоа брат ми, и има големи шанси и јас да го добијам. Тоа ме научи да престанам да се двоумам и да го живеам животот во боја.

Во последниве години, сфатив колку може да биде одличен животот кога ќе престанам да ги одложувам работите. Толку многу совршени денови се потрошени од ветувањата дека за тоа ќе најдам време утре, кога ќе бидам доволно стара, кога ќе имам повеќе пари. Никогаш нема гаранција за повеќе време, но секогаш го имаме ова што се случува сега.

Патот да научам да го користам времето со цел беше горко-слатко. Тоа не беше баш избор, туку дојде од сознанието дека староста не ми е загарантирана“, пишува таа.

Мишел во колумната раскажува за 2006 година, кога во период од една недела на татко ѝ му дијагностицирале рак и починал.

„Татко ми, весел, бронзен Австралиец, кој сите ги нарекува по името на нивниот автомобил, влегува во стоковна куќа. Купува лаптоп, затоа што сака да ја раскаже својата приказна и онаа на нашето семејство, за тоа како неговиот очув го натерал да влегува низ задната врата од неговата куќа како дете, за тоа дека предоцна ја открил неговата полусестра и купил надгробен камен за нејзиниот гроб.

Друга работа што треба да се знае за татко ми е дека отсекогаш сакал бања во дворот. Сега, ако мислите дека ова е типично австралиско нешто што треба да ви се допаѓа, верувајте, апсолутно не е. Откако ќе го купи својот лаптоп, тој оди во продавница за уште еднаш да ја види кадата што ја сака, но никогаш не ја купува.

Татко ми никогаш немаше шанса да ја напише својата приказна, да ги пополни празнините во тие приказни за своите деца. Никогаш не ја купи својата када. Два дена откако го купи лаптопот, му беше дијагностициран рак на панкреасот. Една недела подоцна, тој почина.

Набргу потоа, на брат ми Пол му беше дијагностициран рак на дебелото црево во четврта фаза, а на сестра ми - преканцерозни полипи во стомакот.

Се фатив себеси како седам во канцеларијата на генетскиот советник и зборувам за моите 97% шанси да заболам од рак. Тоа значи дека и јас веројатно ќе се разболам“, раскажува таа.

Пред да му дијагностицираат рак на нејзиниот брат, тој патувал низ светот за еден долар дневно.

„Тој виде сè. Направи сè. Откако тој и татко ми починаа, мојот шок и тага се искристализираа и бев сигурна дека сакам да видам исто толку од светот колку што виде брат ми, да разговарам со странци, да ја засилам музиката, да играм.

Не дека мојата загуба ме ослободи од стравот. Но, мојот страв да не пробам, да не вкусам, да не видам сè е помоќен од мојот страв да не успеам. Правам работи од кои се плашам затоа што повеќе се плашам дека ќе умрам, а нема да ги направам.

Ги жалам мажите во моето семејство. Ја оплакувам мојата замислена старост. Но, најмногу жалам за приказните на татко ми. Затоа ги кажувам на сцената, на екранот. Ги раскажувам и приказните на мажите кои немаа време да ги кажат своите.

А, луѓето слушаат, затоа што и тие имаат татко, брат, часовник што отчукува. И на сите им истекува времето и очајно сакаат некој да им каже како да го потрошат. Затоа, им велам - поминете го во смеење, пиење, кажувајќи им на луѓето дека ги сакате.

Вашата иднина не е загарантирана. И зарем тоа не е вистинско ослободување? Ако дознаете дека имате помалку време за живот од просечната мечка, како би можеле да го потрошите?“, ја завршува таа колумната.

А. Ј. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Јас сум експерт за интимни односи и сум спиела со повеќе од 400 клиенти - Како изгледа мојата работ... „Мојот прв клиент беше неверојатна личност која цел живот се чувствувала многу с...
Синот на Доналд Трамп на чуден начин објави дека се свршил – татко му ја тапна по рамо девојката за ... Синот на Доналд Трамп од бракот со Ивана, со чуден и непријатен говор во Белата ...
„Јас сум горда спонзоруша, сакам богати мажи кои ќе се грижат за мене - и таков партнер си избрав“ „Ако тоа што сакам партнерот добро да се грижи за мене и да ме разгалува, ме ети...
Меланија му ставала креми со кавијар кога бил дете, има свое богатство од 150 милиони долари - Како ... Барон никогаш не носел тренерки, дури ни како дете, туку од мал сакал да се обле...
Татко го фрла синот (7) од висока карпа во вода - видео што го разлути светот и ги подели мислењата „Ова изгледа страшно, овој татко е премногу груб кон детето“... се некои од осуд...
Градска девојка пронајде среќа во животот на село - живее на фарма со сопругот, се породи со 9-тото ... Некогаш балерина и мисица, денес жена што меси леб, молзи крави и е посветена ма...

Најчитани неделава