Како да го изладите прегреаниот телефон (кога надвор е топло)?
Исклучете ги сите апликации, вклучете ја опцијата Airplane mode и ако смартфонот уште ви делува како да е премногу жежок, исклучете го на неколку минути.
Како што наближува летото, а со тоа и повисоките температури, електронските уреди, особено смартфоните, ќе се загреваат повеќе.
Загревањето, пак, може да го оштети смартфонот, односно да му ја ослаби батеријата, да има влијание врз перформансот или ако е премногу жешко, дури и да се исклучи.
Ако не преземете нешто за да го изладите уредот и често прегрева, може и да ви се расипе многу побрзо.
Зошто ви се загрева телефонот?
Ако телефонот стои на директна сончева светлина, може да прегрее, дури и ако надворешната температура не е многу висока.
Кога, пак, надвор е многу жешко, уредот исто така може да прегрее доколку го користите.
Постојат и други ситуации кога телефонот се загрева повеќе од вообичаено – ако имате вклучено многу апликации, ако го полните со несоодветен полнач, ако го ставите под перница или слично додека го полните…
Како да го „изладите“ телефонот кога ќе забележите дека е прегреан?
Тргнете го од сончева светлина и не го користите ако е многу жешко
Ако сте на плажа, осигурете се дека телефонот ќе ви стои под сенка, најдобро во чанта или торба која не е на директна сончева светлина.
Доколку го користите телефонот на отворено кога е жешко и забележите дека станува многу топол, заклучете го и дајте му 15-тина минути да си ја регулира температурата.
Но, никако немојте да одите до екстреми, на пример да го ставите телефонот во ладилник, бидејќи и наглите промени на температурата можат да го оштетат. Овде е и влагата од ладилникот која може да го оштети.
Затворете ги сите апликации
Кога е топло, исклучувајте ги сите апликации што не ги користите и осигурете се дека се целосно исклучени.
Доколку имате отворено повеќе апликации, процесорот и батеријата работат повеќе, а ова предизвикува зголемување на температурата на уредот.
Немојте постојано да го полните
Нормално е телефонот малку да се загрее додека го полните, но кога е жешко треба да бидете повнимателни.
Штом телефонот ќе се наполни, тргнете го до полначот. Исто така, избегнувајте да го полните постојано – почекајте батеријата да се истроши барем до кај 20%.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:
