„Кога бев студент - пиевме кафе во Мавровка, приемните беа кошмар, а одевме на забави во Стив, Гоце и Пелагонија со вотка за 30 денари“

Семинарски труд – од неа важеше половина оценка

Покрај задолжителното полагање на испитите од летен и зимски семестар, уште еден ноќен кошмар и причина за часови поминати во библиотеките, беа семинарските трудови.

Секој професор со своите барања, која тема, колку страници, цитирање на извори во фусноти, дали е купена или препишана… Вистински стрес за студентите.

А за оние, поснаодливите, семинарските трудови беа одличен бизнис, па се продаваа и препродаваа, копираа од една во друга година, па затоа и многу студенти мораа да повторуваат година.

Молење да му е денот на професорот

Јас бев од таа генерација кога се воведе електронското полагање, па не моравме да пишуваме на испити и усно да одговараме. Генерации пред нас, ни раскажуваа за пеколните усни испити кога сè зависело од тоа, дали едноставно „му е денот на професорот“.

Можело да се падне цел испит само за најмала грешка или професорот да се обидува да „те фати на цака со трик прашања“.

Многу студените се откажувале од своите студии само поради волјата на одредени професори. А на секој факултет постоеше тој еден професор кој беше страв и трепет за сите студените.

А секако, постоеја и оние професори на кои им беше доволно да се купи нивната последна книга за да напишат оценка во индексот.

Забавите во студентските домови – најдобар дел од факултетот

Без разлика што се студира, без разлика дали си бруцош или апсолвент, положени или паднати испити, многу, многу ноќи студентите ги поминуваат без сон, некои од учење, и секако, од забава и журкање.

Легендарни ќе останат забавите во Стив, Гоце и Пелагонија со чаша вино од 20 денари и вотка од 30 денари. Колку пати ли само одевме на кафе кај колешките во студентските домови, а завршуваме на забава без повод и причина?

А оние забави со повод, положен испит или „исчистен семестар“ се уште послатки, славење на мала победа во целиот студентски живот. Ќе останат запаметени кафеаните за славење на крај на семестар.

Јас, вечно ќе се сеќавам на студентските забави на Електро, секој октомври, за да се прослави почетокот на новата академска година. Иако студирав новинарство, не ги пропуштав овие забави.

И секако, апсолвентската вечер, како јаготка на шлагот, а да стави крај на студентските слатки маки.

Сега, сè би дала да се вратам назад во времето кога бев само студент по новинарство!

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови  и фотографии е казниво со закон.

И. Ј.| Црнобело



Би можело да ве интересира:

„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...
„Син ми инаку прозборе на 10 месеци“ - Во ред мамичке, гледам, сега личи на иден претседател на држа... „Леле Лука мој вака, леле Лена моја онака“... Деца се, не сакам да коментирам, н...
„Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Немав ни 1.000 денари во џеб, но почувствував мир“ „Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Баба ми ми испрати џем. Првпат им...
Сара Климоска за CRNOBELO лексикон: „Во основно бев златно дете со сите петки, а во средно ме фатија... „Лажев дека одам кај другарка ми во истата зграда и облекував пижами преку облек...
Враќање во 90-тите: Најдраматичните сцени во хит-серијата „Касандра“ Лажно обвинување за убиство, киднапирање, заменети идентитети, невозможна љубов,...
„На крајот од животот, успех не е тоа колку си имал, туку колку светлина си оставил зад себе“ „Човекот не се памети само по тоа што го направил, туку по тоа како се чувствува...

Најчитани неделава