Од Скопје се преселив во Бразил: Китам елка на 37 степени, славам Божиќ на плажа

Оваа година китев елка на 37 степени и мојот празничен дух не беше баш расположен. Промената е огромна - од скопски Карпош во Сао Пауло - тешко да се разбуди празничното расположение кога надвор е сауна, а внатре „под вршник“. Но, се навикнувам полека. Од ладните декемвриски утра во Скопје со чај од јаболко и цимет пред елка, до лимонада со многу, многу мраз во Бразил додека се прашувам: „Како ли им е на оние Дедо Мразовци со сета таа облека и брада на овие пеколни температури?“

bozik-na-40-stepeni-nova-godina-vo-belo-na-plaza-skara-i-ognometi-vo-sekoj-dvor-kako-brazlcite-slavat-praznici-01.jpg

Како што се ближи крајот на годината, така почнуваат подготовките за прославата на Божиќ и Новата година. Декорации во домот, шопинг излози со атрактивни понуди, многу светки и сијалички, Дедо Мразовци на секое ќоше, неколкуметарски елки, планови, договори, подароци…

Уште од малечка во мене живее тој празничен дух, а како стареам, тој станува поинтензивен, покреативен, па дома си правам моја мала божиќна бајка во црвено-златна боја. Веќе и место ми снемува за сите тие мали, светкави ситници со бела брада и црвено капче, свеќи и лампиони во сите форми и големи.

Но, оваа година китев елка на 37 степени и мојот празничен дух не беше баш расположен. Промената е огромна - од скопски Карпош во Сао Пауло - тешко да се разбуди празничното расположение кога надвор е сауна, а внатре „под вршник“. Но, се навикнувам полека.

Од ладните декемвриски утра во Скопје со чај од јаболко и цимет пред елка, до лимонада со многу, многу мраз во Бразил додека се прашувам: „Како ли им е на оние Дедо Мразовци со сета таа облека и брада на овие пеколни температури?“

Бразилски Божиќ на 40 степени и божиќни корпи

Иако во Бразил Божиќ се слави во почетокот на летната сезона, на термометрите живата е помеѓу 36-40 степени во Сао Пауло, а во Рио де Жанеиро и северот на Бразил, многу брзо го надминува 40-тиот степен. Но, навикнати на овие летни температури, за нив сосем нормално животот си тече, а подготовките за Божиќ се во полн ек.

А, мене по малку ми се чудни сите новогодишни декорации во лето!

Божиќ дефинитвно е најважниот празник во Бразил, земјата со најголем број католици, а славењето го вклучува целото семејство, и тоа пошироко - тетки, вујни, чичковци, многу братучеди и пријатели, вкусна храна и подароци.

bozik-na-40-stepeni-nova-godina-vo-belo-na-plaza-skara-i-ognometi-vo-sekoj-dvor-kako-brazlcite-slavat-praznici-03.jpg

Пред Божиќ, и тука традиционално се одржуваат забавите од фирма, познати како festas de confraternizaçãо, а исто така популарни се и „божиќните корпи“ кои фирмите им ги доделуваат на своите вработени.

Корпите традиционално имаат панетоне, шампањ, многу слатки и суво грозје.

https://www.tiktok.com/@babadosoonline/video/7312543802726649093

Тие корпи јас си ги асоцирам со нашите новогодишни пакетчиња, иако кај нас се за децата. „Божиќните корпи“ се и чест подарок за семејствата и пријателите кои живеат далеку.

А, традиционален десерт е панетоне, иако тоа има италијански корени. И додека во Италија традиционално е со суво овошје, во Бразил популарно е „чокотоне“ – полн со чоколаден фил или Нутела, но и многу други вкусови и комбинации со овошје.

Мене сепак најинтересни ми се овие „камиони на среќа“, спонзорирани од поголемите маркети и продавници во градот, кои поминуваат во секое маало и делат пакетчиња за децата.

Само, тешко на овој бразилски Дедо Мраз среде лето со костимот.

bozik-na-40-stepeni-nova-godina-vo-belo-na-plaza-skara-i-ognometi-vo-sekoj-dvor-kako-brazlcite-slavat-praznici-02.jpg

Божиќна вечера на полноќ

Божиќната вечера е јаготката на шлагот и целото семејство се собира на полноќ на 24-ти декември.

Според бразилската традиција, мора да има печена мисирка, но како полесна и поевтина варијанта е печеното пиле, кое се продава на секој чекор за време на божиќните празници.

Свежо овошје е задолжително на трпезата, како и шампањ, а како специјално јадење е оризот со суво грозје во него.

Бидејќи семејствата се големи, дарувањето на подароци може да е прилично скапо ако се купува за секој член, па затоа се практикува „Amigo secreto“, што потекнува од американскиот „Secret Santa“.

Па, неколку дена пред Божиќ се влечат имиња и секој е задолжен да купи подарок во тајност за личноста што ја извлекол.

Ова се практикува и во фирмите и канцелариите, па на социјалните мрежи може да се видат жалби и поплаки од оние кои навистина купиле топ подарок и потрошиле поголем буџет, а добиле некоја евтина ситница како чорапи, чоколадо или шолја за кафе. Мене, баш ми се забавни тие видеа на Тик Ток.

За Божиќ во црвена боја, за Нова во бела

Она што мене ми е многу интересно колку внимание се посветува на изгледот и облеката за божиќната и новогодишната ноќ. Уште од крајот на ноември, излозите во продавниците и бутиците се во црвено-бела боја, црвена за Божиќ, а бела за Нова година.

За Божиќ се одбира поформална облека, со соодветна шминка и фризура, и сите, од најмали до најстари, мора да имаат нова облека токму за вечерата на 24-ти декември.

А, за Новогодишната ноќ се одбира облека во бела боја, летна и удобна, бидејќи сите забави и прослави обично се надвор.

За Бразилците, белата боја е многу важна за Нова година бидејќи претставува мир, чистота, духовност и обновување. Многу луѓе носат бела боја на Нова година за да ја покажат својата почит кон Iemanjá (Леманжа), божицата на океаните и светица – заштитник на рибарите кои ја дочекуваа Новата година на бразилските плажи.

Се верува дека носењето бело на Нова година носи добра енергија и штити од негативна енергија и влијанија.

bozik-na-40-stepeni-nova-godina-vo-belo-na-plaza-skara-i-ognometi-vo-sekoj-dvor-kako-brazlcite-slavat-praznici-09.jpg

Нова година на плажа и огномети

Од моето скромно искуство во Бразил, сфатив дека тие обожаваат огномети и, и најмала причина за нив е повод да „се распукат“, посебно за фудбалски натпревари - од локални до национални - а тоа е секоја недела.

За Нова година, пак, како да се натпреваруваат кој ќе има поголем и побучен огномет, па што, падне мрак, во секое маало е како „воена зона“.

bozik-na-40-stepeni-nova-godina-vo-belo-na-plaza-skara-i-ognometi-vo-sekoj-dvor-kako-brazlcite-slavat-praznici-06.jpg

Најчесто бразилците за Нова година одат на плажа, оние кои живеат на крајбрежјето, секако, ќе слават на плажа, а оние од внатрешноста, изнајмуваат куќи на плажа.

Цените се вртоглави, па една ноќ може да чини од 500 до 1.000 долари, во зависност од локацијата.

И секако, најважен е огнометот во Рио де Жанеиро, кој трае околу 15 минути на плажата Копакабана, срцето на Бразил, и се пренесува во живо на сите канали.

Јас ја имав таа чест неколкупати да го видам додека работев на брод, а специјално за таа пригода, бродот беше закотвен пред плажата. Новогодишното крстарење е едно од најскапите, токму поради огнометот од Копакабана.

Покрај феноменалниот огномет, Копакабана е една огромна журка, со многу сцени и различна музика, а сите патишта околу неа се затворени во текот на денот и ноќта. Па поради тоа, уште од рано се стига на плажата за да „се фати место“.

А, за оние кои ќе останат дома на 31 декември, значи журка во двор со скара и ладно пиво. Се собираат сите соседи, пријатели, фамилија, па не се знае кои пие, кој плаќа.

Скокање 7 бранови

Оние кои ја дочекуваат Новата година на плажата, треба да скокнат 7 бранови. Традицијата доаѓа од Умбанда, афро-бразилска религија.

Зошто 7, а не 12 бранови? Една теорија е дека секој бран претставува Орикса. Ориксас (Orixás) се божества кои ги обожуваат афро-бразилските религии.

Друга теорија верува дека обичајот е поврзан со почитувањето на Iemanjá, мајката на сите Orixás и божица на морето. Според традицијата, не мора да се „нурнува“ во брановите, доволна е да се навлажнат стапалата.

bozik-na-40-stepeni-nova-godina-vo-belo-na-plaza-skara-i-ognometi-vo-sekoj-dvor-kako-brazlcite-slavat-praznici-08.jpg

Јас би сакала да можам оваа година да сум на плажа, не поради традицијата, тука да избегам од пеколните температури, но, моето бразилско ми вели: „Не биди луда, премногу е опасно на плажа, метеж, напади и многу крадци“.

Па така, ќе си го гледам огнометот на телевизија, ќе правиме скара на тераса, а ќе го гледаме и огнометот на соседите.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

И. Ј.| Црнобело

Би можело да ве интересира:

16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Некогаш летниот одмор беше во село кај баба и во камп приколки во Струга vs. денес - по цел ден на т... На календарот ги одбројуваме последните денови од август, а со тоа, е крајот на ...
„Мислев дека ќе се омажам за принц на бел коњ, не очекував дека среќата ќе ја најдам кога најмалку с... Го очекував долго време. Знаев дека некаде постои некоја таква душа скроена за м...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...
„Порака до швалерката на мојот маж: Не ни сонував дека еден ден ќе ти бидам благодарна“ „Неговото неверство ме повреди на начин на кој не можев ни да замислам, но ме ск...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg