„Мојата жена нема да оди на работа - твоето место е дома!“

Ви се случило ли да влезете во врска каде што тој заработува помалку од вас? Или кајшто смета дека треба да сте домаќинка, зашто тој е главата на семејството? Дека треба да го слушате без збор? Мене да, но, за среќа, не ми требаше долго да сфатам дека неговите постапки не се поттикнати од љубомора, туку од машко-женски предрасуди.

mojata-zhena-nema-da-odi-na-rabota-ili-vo-kafeana-tvoeto-mesto-e-doma-01_copy.jpg

Пред неколку години се гледав со дечко малку помлад од мене, кој често потенцираше колку е либерален, со отворени сфаќања, кој велеше дека имам супер работа (а можеби за тоа придонесуваше фактот дека не требаше да плаќа билети за кино или театар, зашто секогаш имав гратиси) или што одеше со мене на настани, ревии, концерти и сето тоа му беше забавно.

Проблемите почнаа по некој месец кога одеднаш реши дека му пречи мојата работа, излегувањата навечер за да отидам на настан (а тргам без него), мојата финансиска независност.

Еден ден, почна караница од ништо, па во лутина констатираше:

„Моја жена нема да оди сама во кафана. Нема да се дружи со другари ако не сум и јас таму.

Нема сама да плаќа кога сум со неа. И се знае каде ти е местото - дома! А ако ти се оди на пијачка - ќе одиш со мене“.

mojata-zhena-nema-da-odi-na-rabota-ili-vo-kafeana-tvoeto-mesto-e-doma-03_copy.jpg

Прво ми се чинеше дека е излив на љубомора, но сфатив дека не е така.

Во неговите очи, му пречеше тоа што имам живот и без него - пријатели, колеги, познаници, луѓе со кои можам да излезам без да зависам од него.

Уште повеќе му пречеше што заработувам повеќе од него - не многу, но сепак.

Му пречеше што одлуките за себе ги носев сама - ни бевме во сериозна врска, ни во брак, за да треба да барам дозвола за сè или да се објаснувам за некои постапки.

Откако раскинавме, ми се вратија некои муабети од самиот почеток, кога ја величаше мајка му.

Таа била домаќинка, жена без кариера - во неговите очи таква требаше да е и неговата партнерка.

Според него жената е за дома, а мажот, како глава на семејството, треба да заработува, да придонесува, да ги издржува сопругата и децата.

Одамна веќе не живееме во „камено време“, кога мажот ќе ја тресне жената со боздоган по главата и ќе ја одведе во пештера за да ѝ покаже каде ѝ е местото и дека е негова.

mojata-zhena-nema-da-odi-na-rabota-ili-vo-kafeana-tvoeto-mesto-e-doma-02.jpg

Доста со предрасудите дека нашето место е дома - да готвиме, чистиме, переме, пегламе. Тоа можеме да го правиме паралелно додека градиме кариера, чуваме деца, се грижиме за домот.

Доста со предрасудите дека мажот треба да е „главата на семејството“ и да заработува повеќе од жената.

Доста со комплексот на „пониска вредност“ ако жената е поуспешна, „прави“ повеќе пари, има кариера и е почитувана во деловниот свет.

Мажот треба да се гордее што покрај себе има таква жена, а не да ја „убива“ со своите ставови дека ние сме родени за домаќинки.

mojata-zhena-nema-da-odi-na-rabota-ili-vo-kafeana-tvoeto-mesto-e-doma-02_2.jpg

Инаку, го сретнав скоро бившиот. Застанавме да се поздравиме, а тој попатно ми кажа дека има жена и две деца, па се „пофали“ и дека „таа е вистинска домаќинка, а тој се грижи за сите“.

Мило ми е за него, ама јас лично, никогаш не би можела да бидам засекогаш со некој што ме потценува и смета дека моето место е дома, освен ако јас не одлучам така.

П.С. Да не се разбереме погрешно - јас и готвам, и чистам, и лупам пиперки за ајвар кога треба, но тоа е само еден дел од мојот живот.

Поттикнати од кампањата на Македонски Телеком #НаправиМесто, која повикува на отвореност и меѓусебно разбирање, а која оваа година е фокусирана на надминувањето на предрасудите, редакцијата на CRNOBELO.com ќе направи повеќе место за вести и приказни кои ги надминуваат предрасудите и ги рушат бариерите. 

А. Ј. | Црнобело / фото: Freepik.com

Би можело да ве интересира:

„Не ја земаш за жена само за да ти роди деца и да ти пере гаќи“ „Не ја земаш за жена само за да ти роди деца. Ниту за да ти готви ручек секој де...
Моќна поука која секој татко треба да му ја каже на својот син (како се цени жена) Си биле татко и син и тргнале по сладолед, но на патот дотаму таткото го научил ...
„Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Немав ни 1.000 денари во џеб, но почувствував мир“ „Имав 20 години. Добив соба во студентски дом. Баба ми ми испрати џем. Првпат им...
„Кога викам по мајка ми, не е зашто сум ѝ лута, туку се плашам што старее“ Месеци наназад, па можеби и повеќе од една година, ја набљудувам мајка ми. Додек...
„Некогаш го сакавме снегот. Едвај чекавме да падне. Правевме снешковци, имавме санки“ Некогаш го сакавме снегот. Едвај чекавме да падне. Правевме снешковци, имавме са...
Не беше тука за мене, ама можам само да ти кажам – благодарам што ме остави сама... Не беше тука за мене кога се плашев, но можам само да ти кажам благодарам што ме...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg